На брифингот со новинарите лидерот на опозицијата, меѓу другото, предупреди дека нè чека многу тешка зима и периодични рестрикции на електрична енергија, а ова сценарио, како што кажа, знае дека веќе се разгледува во ЕВН
На денешниот брифинг со новинарите, лидерот на опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, кажа дека пратениците од ВМРО-ДПМНЕ нема да го поддржат заемот од сто милиони евра од ЕБРД за ликвидност на Електрани на Северна Македонија (ЕСМ), додека не добијат отчет како се трошени парите за транспорт на јаглен.
„Нашиот став е јасен – додека не видиме како онаа компанија формирана ден пред да го добие тендерот за транспорт на јаглен ги трошела парите, нема да го поддржиме. Затоа што тие пари им требаат за да ги договараат и злоупотребуваат тендерите за кризната состојбата и за ископ и транспорт на јаглен и мазут за РЕК Битола, ТЕЦ Неготино и РЕК Осломеј. Додека не видиме каде се потрошени парите нема да поддржиме“,
кажа лидерот на опозицијата.
Во првиот момент кога ќе се види тоа, тогаш, како што посочи, ќе може да се зборува за сè,
„Сега бараат сто милиони од ЕБРД, нормално тоа зависи од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ“,
рече Мицкоски на брифинг со новинарите.
На брифингот со новинарите лидерот на опозицијата предупреди дека нè чека многу тешка зима и периодични рестрикции на електрична енергија, а ова сценарио, како што кажа, знае дека веќе се разгледува во ЕВН.
Во јули годинава Владата го разгледа и го пушти во понатамошна процедура до Собранието Предлогот на Закон за гаранција на РСМ на обврските по Договорот за заем во износ до 100 милиони евра за финансирање на Проектот за поддршка на ликвидноста на АД ЕСМ – Скопје во услови на енергетска криза.