Според претседателот Стево Пендаровски, прашањето што опозицијата ќе го постави на референдумот е дали да се прекине европскиот пат по кој е тргната државата, додека премиерот Димитар Ковачевски во тоа гледа неконзистентност и лични, партиски интереси за задржување на функцијата
На референдумот од опозицијата ќе добиеме прашање со кое во суштина македонските граѓани ќе ги прашуваат дали сакаат да престанеме да одиме кон ЕУ, рече денеска претседателот Стево Пендаровски одговарајќи на новинарско прашање по седницата на Советот за безбедност.

Пендаровски во одговор на новинарско прашање дали e можно ако се даде поддршка за референдумот на ВМРО-ДПМНЕ да се добие компензација за уставните измени, рече дека „освен што такво нешто е крајно неморално и никој нормален тоа не го размислува да го направи, исто така едното го исклучува другото“.
Според Пендаровски, прашањето на опозицијата за референдумот е практично да го прекинеме европскиот пат.
„Значи, вие ако дадете поддршка на таков референдум – класичен антиевропски со прашањето, нема потреба понатаму да го менувате Уставот. Едното го исклучува другото. Накратко, она што го очекувавме тоа и го добивме. Добивме прашање со кое во суштина македонските граѓани ги прашуваат или ќе ги прашаат – дали сакате да престанеме да одиме кон ЕУ. Тоа е прашањето“,
рече Пендаровски.
Според претседателот, чудно е зошто во референдумското прашање не се спомнува и Преспанскиот договор, бидејќи, како што вели, во европската преговарачка рамка со која почнавме преговори неодамна во истата реченица стои и Преспа и Договорот со Бугарија.
Премиерот Димитар Ковачевски во врска со референдумското прашање кое, како што истакна, опозицијата веројатно ќе го достави до Собранието гледа неконзистентност и лични, партиски интереси за задржување на функцијата.
„Прво, ние сме држава која почна преговори со ЕУ со чист македонски јазик, со заштитен идентитет и тоа е направено врз основа на предлог којшто го добивме од ЕУ, предлог којшто беше изгласан во Собранието и против кој предлог немаше ниту еден глас против. Тоа што опозицијата во моментов го прави, го прави единствено заради свои внатрешни партиски потреби – задржување на позицијата на, веројатно, нивниот претседател. Референдумското прашање тие веројатно ќе го достават до Собранието“,
истакна Ковачевски по седницата на Советот за безбедност одговарајќи на новинарски прашања.
Во овој момент, нагласи Ковачевски, какво било спречување на продолжување на процесот на евроинтеграции на државата е правење штета на граѓаните и на македонскиот евроинтегративен пат.
„Колку брзо ќе се движиме ние во приклучувањето кон ЕУ сега зависи исклучиво од нас, бидејќи имаме задачи и активности коишто треба ние да ги спроведеме дома кај нас. Тоа се однесува како на спроведувањето на успешен скрининг за што веќе информиравме вчера за воспоставување на преговарачка структура, денес дојде и главниот советник кај мене којшто ќе работи со тимот. Тоа е бившиот хрватски главен преговарач со ЕУ и постојан претставник во ЕУ на Хрватска и се што се прави заради лични, партиски цели е нешто што е против членството на државата во ЕУ“,
потенцира премиерот.
Тој смета дека и во опозицијата има европски блок на политичари кои го поддржуваат членството на земјава во ЕУ и дека тоа ќе се потврди кога уставните измени заради внесување на делови од други народи во Уставот ќе бидат ставени на усвојување во Парламентот, по сите консултации и по целата процедура.
„-И уште нешто сакам да додадам, а тоа е дека истата таа опозиција беше против Преспанскиот договор заради тоа што ќе сме го изгубеле идентитетот. Ниту изгубивме идентитет, ниту го спомнуваат Преспанскиот договор. Истата таа опозиција организираше референдум против територијалната поделба во државата и за време на тој референдум кој беше неуспешен зборуваше дека дента кога ќе дојдат на власт ќе ја укинат територијалната поделба. Единаесет години беа на власт не ја укинаа територијалната поделба. Истата таа опозиција не беше во Парламентот да гласа против Договорот со Бугарија. Претседателот на таа опозиција пред камери на бугарски јазик на бугарскиот премиер му кажа дека го поддржува Договорот за добрососедство со Бугарија и сега излегува со референдумско прашање против Договорот со Бугарија за кој пред камери го поддржа. Тоа е една неконзистентност, гледање лични партиски интереси кои немаат никаква поддршка ниту кај граѓаните, ниту кај политичките партии во опозицијата“, нагласи премиерот Ковачевски.
нагласи премиерот Ковачевски.