Како што посочи министерот, две од трите поголеми здруженија на матичните лекери во земјава не се дел од штрајкот и не се вклучиле во изразување на, како што вели, изразување на таков вид на бојкот на работа во којшто жртви односно подебелиот крај го извлекуваат пациентите, а не системот
На вториот ден од тридневниот штрајк во примарното здравство, министерот за здравство Беким Сали информира дека само мал дел, односно само 25 отсто од матичните лекари во земјава во моментов се во штрајк.
„Не сите матични лекари односно лекарите од примарно ниво штрајкуваат. Очигледно ние како Министерство не успеавме да убедиме само еден мал дел а тоа се 25 отсто од матичните лекари“,
вели Сали.
Како што посочи министерот, две од трите поголеми здруженија на матичните лекери во земјава не се дел од штрајкот и не се вклучиле во изразување на, како што вели, на таков вид на бојкот на работа во којшто жртви односно подебелиот крај го извлекуваат пациентите, а не системот.
„Ова не е протест, ова е штрајк со тридневно изразување револт кон политиките кои што ги практикува односно ги прави Министерството. Јас и во минатиот период повикав на разбирање и на заедничка соработка затоа што пациентите не треба да бидат жртва на одредени политики кои доцнат“,
посочи Сали.
Измени во системот, како што потенцира министерот, се прават преку разговори, а не преку штрајк во којшто пациентите се тие што патат.
Денеска е втор ден од тридневниот штрајк во примарното здравство во кој матичните лекари преку мирен протест на своите работни места одлучија да го изразат своето незадоволство од неспроведувањето на нивните барања од здравствените власти. Тие бараат зголемување на капитацискиот бод, електронско здравство, бришење на дестимулативната скала, зголемување на буџетите за специјалисти и лаборатории и за рурални амбуланти, како и да не се затвораат ординации на лекари кои сакаат да продолжат да работат над 64
години.
Штрајкот на матичните лекари се одвива во нивните ординации, но тие не издаваат упати и термини, а примаат само итни случаи.
Штрајкот на матичните лекари доби поддршка и од Комората на приватно здравство при Сојузот на стопански комори на Македонија. Оттаму велат дека барањата на матичните лекари во земјата се легитимни и реални, а системот е неодржлив, за што посочува дека се доказ големиот број проблеми кои се јавуваат.
Од Комората наведуваат и дека очекуваат оти министерот за здравство Беким Сали со поголема енергија ќе се посвети на подобрување на состојбите во примарната здравствена заштита.