Груби рече дека синоќа поминал покрај неколку министерства и државни институции за да види дали се исклучени осветлувањата согласно препораките на Владата и единствено имало запалено во зградата каде што е во Министерството за екологија, но министерот Насер Нуредини веднаш реагирал
Државните институции и нивните челници да бидат пример, но и граѓаните максимално да штедат електрична енергија, побара денеска првиот вицепремиер Артан Груби.
Груби денеска беше во Арачиново на настан за пуштање во употреба на водоводната мрежа, а пораките да се штеди ги испрати кога новинарите го прашаа дали во време на штедење додека тој и останатите присутни даваат изјави треба да им работат автомобилите.
„Не знам кои автомобили работат, не сум возач, но секако дека не треба да работат. Сметам дека сите граѓани, посебно институциите и челниците на институциите треба да бидат пример за штедење и на електрична енергија и на сите државни ресурси. Ве повикувам секојдневно да ги проверувате сите институции за тоа кои мерки за штедење ги применуваат согласно одлуките на владата. И пред одлуката на Владата, Министерството за политички систем ги има исклучено сите надворешни и внатрешни осветлувања надвор од работното време. Се соочуваме со многу тешка зима, не само ние туку целиот наш континент и затоа апелирам прво ние да бидеме пример, но и граѓаните да штедат максимално електрична енергија“,
изјави Груби.
Тој рече дека синоќа поминал покрај неколку министерства и државни институции за да види дали се исклучени осветлувањата согласно препораките на Владата и единствено имало запалено во зградата каде што е во Министерството за екологија, но министерот Насер Нуредини веднаш реагирал.
„Синоќа јас намерно поминав и покрај Собрание и покрај Влада и МНР и Министерство за политички систем, како и зградата каде е Службата за општи и заеднички служби, каде се и Секретаријатот за европски прашања и Министерството за екологија, финансиската полиција и неколку други институции. Имаше светла само на претпоследниот кат на надворешната фасада и веднаш му се јавив на министерот Нуредини и постапи и ги исклучи. Ве повикувам за секој таков пример што ќе го видите да ни кажете и ќе реагираме веднаш“,
рече Груби.
Одговарајќи на прашање околу тоа колку луѓе од Владата се заминати на Саемот и Самитот на Отворен Балкан во Белград и дали треба да се штеди и со тие трошоци, првиот вицепремиер рече дека патувањето до таму не е голем трошок бидејќи е блиску, но и дека не се заминати голем број на министри. Исто така, потенцираше и дека тоа е настан од огромно значење бидејќи се организира Саемот за вино и истовремено се потпишуваат многу важни договори и меморандуми во рамки на Отворен Балкан.
