Северна Македонија на овој саем се претстави под слоганот „Вкуси го живот“ и затоа, повика премиерот Ковачевски, сите присутни преостанатите два дена да ги вкусат македонските вина и храна, да слушнат македонска музика, но да дојдат да ја посетат земјава за да вкусат прекрасна македонска авантура
Во рамки Првиот меѓународен саем за вино „Винска визија на Отворен Балкан“ во Белград, вечерва во Белград се одржа Македонска вечер.
Домаќин беше премиерот Димитар Ковачевски, а настапи познатиот македонски музичар Влатко Стефановски.
Гости беа српскиот претседател Александар Вучиќ, премиерите на Албанија и Црна Гора, Еди Рама и Дритан Абазовиќ, министри, амбасадорот на САД во Србија Кристофер Хил, претседатели на стопанските комори од регионот, бизнисмени …
„Ова (Отворен Балкан) е единствена иницијатива којашто е автохтона и оригинална, којашто потекнува од нас, сите други иницијативи јас ги почитувам, и Берлински процес и сите други интеграции, меѓутоа тие се иницијативи коишто доаѓаат од надвор, и кога ќе погледнам колку гости има секогаш и колку треба да ја кратиме листата на самити кога одиме, тоа е затоа зошто луѓето сакаат, и директорите и политичарите, и сите да одат на состаноците на Отворен Балкан, затоа зашто ги сметаат за свои“,
рече Ковачевски во обраќањето.







Според него, саемот на вино, храна и туризам во Белград во рамки на Отворен Балкан што започна вчера и ќе трае до недела е најдобриот што е организиран во Европа.
„Ако го правевме само ние во Северна Македонија јас од вино знам многу малку, саемот немаше да биде добар. Ако го правеше претседателот Вучиќ сам во Белград, тој не знае од продажба, бидејќи јас 20 години сум работел во компании. Ако го правеше само Рама во Албанија, тој знае многу од уметност, меѓутоа кога ќе соберете на едно место експерт за вино, експерт за продажба и еден голем уметник, тогаш виното, бизнисот и уметноста одат заедно и затоа го имаме најдобриот саем“,
рече Ковачевски.
Северна Македонија на овој саем се претстави под слоганот „Вкуси го живот“ и затоа, повика Ковачевски, сите присутни преостанатите два дена да ги вкусат македонските вина и храна, да слушнат македонска музика, но да дојдат да ја посетат земјава за да вкусат прекрасна македонска авантура.