Според гувернерката на Народната банка, силните шокови со кои изминатите неколку години се соочува светот, вклучително и нашата економија, уште повеќе ги исфрлија на површина структурните слабости, како и критичната потреба за реформирање и зголемување на потенцијалот на економијата.
Гувернерката на Народната банка Анита Ангеловска-Бежоска на денешниот панел „Марливоста на вредностите: економски визури“ ја истакна неопходноста од сериозни, структурни промени, во квантитетот и квалитетот на човечкиот потенцијал, во доброто владеење и во владеењето на правото.
Според Ангеловска-Бежоска, силните шокови со кои изминатите неколку години се соочува светот, вклучително и нашата економија, уште повеќе ги исфрлија на површина структурните слабости, како и критичната потреба за реформирање и зголемување на потенцијалот на економијата.

„Да го спречиме демографското опаѓање, да изнајдеме начин како да растеме ефикасно и иновативно зашто тоа е „влезницата“ за побрз и поквалитетен развој на општеството. Но, треба многу напор, посветеност и генерациска одговорност за ваков вид реформи. Пред нас е историската одговорност – какви вредности ќе афирмираме и ќе создадеме со сегашните одлуки, колку во нив ќе го вградиме стекнатото искуство и научените лекции од минатото, но и колку ќе демонстрираме јасна визија за иднината“,
порача денеска гувернерката на Народната банка.
Таа посочи дека во кризни периоди макроекономските политики се првата „линија на одбрана“, но и дека нивниот простор за маневар не е неограничен. Заради тоа при справувањето со кризи, преку преземање брзи и краткорочни маркоекономски мерки не смее да се изгуби фокусот на структурните мерки кои, како што рече Ангеловска-Бежоска ја намалуваат ранливоста на економиите и го зголемуваат потенцијалот за раст.
Во однос на пандемијата и на руско-украинскиот конфликт, гувернерката укажа дека економските импликации од ваквите состојби се големи. Таа истакна дека носителите на политики имаат огромни предизвици пред себе бидејќи инфлацијата во светот и дома расте под притисок на остриот и досега невиден раст на цените на основните ресурси, а во ризик се кревките економии како нашата.
„Како Централна банка, и покрај многубројните кризни епизоди, повеќе од две децении успешно го обезбедуваме еден од клучните предуслови за економскиот раст – макроекономската стабилност. Но, за да го подигнеме квалитетот на живеењето и да ја зголемиме благосостојбата, тоа не е доволно. На долг рок двигатели на растот не можат да бидат монетарните фактори, туку тоа се структурни фактори како што се човечкиот потенцијал, физичкиот капитал и продуктивноста. Нашето ниво на доход од само околу 38 отсто во однос на европското, како и бавниот прогрес во затворањето на овој голем јаз (само три процентни поени изминатата деценија) алармира дека се неопходни сериозни промени во структурните сегменти како што се доброто владеење, владеењето на правото, во квантитетот и квалитетот на човечкиот потенцијал“,
потенцираше Ангеловска-Бежоска.
Но, како што додаде таа, за жал предизвиците во овие структурни сегменти се уште се многубројни.
„Во декадата пред пандемијата нашата економија растеше со просечна стапка од околу 2,5 отсто што е нешто повисока во споредба со просекот за земјите од Централна и Југоисточна Европа, но сепак овој раст не беше движен од продуктивноста, како индикатор за иновативност и ефикасност. Нашата продуктивност веќе подолг период стагнира на ниско ниво од само 40 проценти од германската продуктивност. Добро е што солиден придонес кон растот имаа инвестициите, со оглед на фактот дека обемот на капитал кај нас изнесува само 43 отсто од европскиот капитал, но сепак мало е учеството на вложување во иновативен капитал, односно иновативни технологии. Позитивен придонес кон растот во изминатата декада имаше и човечкиот капитал, но главно како резултат на квантитетот, а не квалитетот на трудот“,
рече гувернерката.
Пандемијата, а сега и војната во Украина, дополни гувернерката, создаваат поинаков свет. Се менува геополитичкиот поредок.
„Сведоци сме на брза поларизација, брзи промени во однесувањето на економските субјекти, економска дезинтеграција и деглобализација. Се соочуваме со одамна невиден спој на растечки цени, од една страна и со надолни изгледи за економијата од друга страна, односно со ризикот од стагфлација. Ова е особено предизвик за економиите, како што е македонската, кои се уште целосно не закрепнаа и не се вратија на предпандемското ниво, а истовремено имаат висока трговска отвореност што значи и поголема ранливост на надворешните шокови. Во овој контекст, предизвикот на носителите на политиките е огромен – како да се стабилизира инфлацијата која е примарно движена од фактори на страна на понудата, а без притоа позначајно да се наруши траекторијата на закрепнувањето на економиите?“,
истакна Ангеловска-Бежоска.
Гувернерката е децидна дека Централната банка останува доследна на примарниот мандат што го има, а тоа е одржување на среднорочната ценовната стабилност со сите расположливи инструменти.
„Но, притоа, од голема важност е добрата интеракција помеѓу монетарната и фискалната политика која, по својата природа, може подиректно да влијае за ублажување на ценовните притисоци, но и да обезбеди поддршка за најпогодените граѓани и сектори во економијата. Со оглед на ограничениот фискален простор, како и потребата фискалната позиција да се задржи прудентна без да креира дополнителни притисоци врз побарувачката, потребно е добро поставување на приоритети и таргетираност на фискалните мерки“,
заклучи Ангеловска-Бежоска.
Според неа, и по три декади, констатациите за диспропорциите, односно за структурните слабости на нашата економија остануваат слични.
„Силината на овој тековен економски шок е резултат и на недоволниот фокус на овие сегменти во сиот изминат период. Имајќи ја предвид комплексноста на справувањето со диспропорциите, тоа уште еднаш нè потсетува на историската одговорност што денес ја имаме – какви вредности ќе афирмираме и создадеме со нашите сегашни одлуки, колку во нив ќе го вградиме стекнатото искуство и научените лекции од минатото, но и колку ќе демонстрираме јасна визија за иднината“,
рече гувернерката и порача – да се стремиме да бидеме вредност, а не успех.