Во заеднички текст објавен на блогот на Советодавната група за јавна политика – Балканот во Европа (БИЕПАГ), Александра Томаниќ и Катарина Тадиќ од Европскиот фонд за Балканот ги изнесуваат своите мислења и позиции за граничните бариери кои сè уште постојат на Западен Балкан и покрај постоењето на иницијативата „Отворен Балкан“
автори: Александра Томаниќ и Катарина Тадиќ
Сите зборуваат за регионална соработка. Сепак, малкумина целосно го разбираат или се согласуваат со значењето на овој термин. Имено, таа постои во различни форми – инклузивна и неинклузивна, меѓувладина, политичка, економска, водена од надвор или од локални чинители…
Несомнено е направено многу, но не сите во Западен Балкан имаат еднаква корист од тоа. Граѓаните со пасоши на Косово и на Босна и Херцеговина (БиХ) сè уште треба да поминат низ напорна процедура за да добијат виза за влез од една во друга земја.
Босна и Херцеговина (БиХ) е единствената земја во регионот, покрај Србија, која не ја признава независноста на Косово. До 2010 година граѓаните на Косово можеа да влезат во Босна и Херцеговина само со посебно одобрение од Советот на министри на Босна и Херцеговина, доколку се утврдеше дека нивното доаѓање е од интерес за земјата. Оваа практика потоа беше променета на иницијатива на Министерството за надворешни работи на БиХ, така што граѓаните на Косово можат да аплицираат за визи на БиХ во амбасадите во Скопје, Белград или Подгорица, бидејќи во Приштина нема дипломатско претставништво. Досегашната процедура за издавање визи беше заменета со многу посложена, по што во 2014 година следеше реципрочната мерка на Косово.
Ако некој од Сараево или Бања Лука, на пример, сака да помине викенд во Призрен, да ја посети прекрасната Синан-пашина џамија или црквата Пресвета Богородица Љевишка, мора да помине низ макотрпна процедура која ќе чини многу пари и време.
Бидејќи ниту Косово нема дипломатско претставништво во Сараево, граѓаните на Босна и Херцеговина можат да аплицираат за виза за Косово само во Тирана или Загреб. Апликантот мора лично да отпатува во Загреб или Тирана, да ги достави документите, а потоа да чека неколку недели за одобрување пред да се врати во еден од тие два града и лично да ја подигне визата. Списокот на документи потребни за аплицирање е долг и скап: формулар за апликација, копија од пасош, писмо за покана од компанија или поединец кој мора да биде државјанин на Косово (заверено на нотар – повторно време и пари), копија од пасошот на поканетото лице, доказ за сместување, патничко и здравствено осигурување, доказ дека има доволно финансиски средства, потврда за вработување, потврда дека лицето не е под судска истрага. Списокот не завршува тука.
Овој список може да разбуди стара траума кај многу граѓани од регионот кои се сеќаваат на процесот на добивање шенген визи пред да биде укинати за сите, освен за Косово. Се на се, вкупните трошоци за добивање виза за Косово, вклучувајќи ги сите патни трошоци, административни такси и слично, се околу 250 евра. За земја со просечна плата помала од 500 евра ова е недостижно за многумина, особено за младите.
Босна и Херцеговина исто така има долг список на услови за учество на косовските граѓани на настан во земјата, како што тоа неодамна и Европскиот фонд за Балканот самиот го искуси при организацијата на регионален состанок во Сараево. Имено, за дводневниот состанок во Сараево би била потребна локална партнерска организација во Босна и Херцеговина која не само што би испратила покана за учесниците од Косово до амбасадата во Скопје, туку ќе ја достави и следната листа на документи: барање за заверка на писмото за покана заверено од овластено лице (организации), пополнет формулар за писмо за покана, заверена копија од решението за упис во судскиот регистар, доказ за солвентност, потврда од даночната управа, потврда од Управата за индиректно оданочување, копија од патната исправа на странецот кој доаѓа во деловна посета, доказ за уплата на административна такса од 25 евра за заверка на поканата (за секое лице), потврда од општината во која се наведени придобивките од учеството на лицето (за кое е доставено писмото за покана) во дадената активност, во случајот средба.
За жал, кошмарната процедура не завршува тука. Откако ќе се собере сета потребна документација таа мора да се достави до најблиската подружница на Службата за работи со странци, а по најмалку 5-7 дена, на крајот на постапката претходи теренска посета на просториите на организацијата. Често, барањата за виза се отрлаат без објаснување.
Сепак, дури и кога ќе се одобрат визите нивните носители, според искуството на претставниците на граѓанското општество од Косово, редовно се соочуваат со сослушувања и неоправдани задржувања на границата од страна на претставници на БиХ.
Значи, визниот режим меѓу Косово и Босна и Херцеговина не е административна формалност, туку непријатна процедура поради која граѓаните на другата земја се чувствуваат непожелно. Се чини дека визниот режим е намерно дизајниран некого да обесхрабри дури и да се обиде да ги собере луѓето од целиот регион. Истовремено бара финансиски и човечки ресурси кои ретко кој ги има за оваа намена.
Иронично, ова прашање не е честа тема ниту кај меѓународните претставници, ниту кај домашните политичари кои постојано зборуваат за предностите и подобрувањето на регионалната соработка. Ако две од шесте земји од овој наш таканаречен „регион“ сè уште имаат реципрочен визен режим, како тогаш дозволивме тоа прашање да остане на маргините, зборувајќи само за меѓусебно признавање на дипломите или заеднички регионален пазар, кога таму нема основна слобода на движење на повеќе од 5 милиони луѓе?
Регионалната соработка на Западен Балкан е во срцето на европската интеграција. Многу е направено во изминатите децении, формирани се бројни регионални тела и иницијативи (од Советот за регионална соработка до Регионалната канцеларија за младинска соработка), се укинаа таксите за мобилен роаминг, на некои лица им беше дозволено да патуваат само со лични документи – создавање основа за интеграција во ЕУ, за градење добрососедски односи, придонесување за помирување и градење заедничка иднина.
Со укинувањето на визниот режим Босна и Херцеговина и Косово би можеле да покажат зрелост и конструктивен пристап во однос на регионалната соработка. Што се однесува до Косово, Владата постојано и оправдано ја потсетува ЕУ дека граѓаните на оваа земја сè уште се единствените во Западен Балкан на кои неправедно им е одземен безвизниот режим за влез во Шенген зоната, иако Косово ги исполни сите поставени критериуми уште во 2018 година. Сепак, Косово не воведе реципрочни мерки кон граѓаните од Шенген зоната, па истите принципи треба да важат и за неговите регионални „соседи“. Како чин на политичка зрелост и добра волја кон граѓаните на Босна и Херцеговина, Косово треба барем условно да го укине визниот режим кон Босна и Херцеговина што е можно поскоро. Косово треба да го стори тоа бидејќи го разбира, подобро од која било друга земја во регионот, влијанието на неоправданиот визен режим кој најмногу ги погодува обичните граѓани.
Од друга страна Босна и Херцеговина треба да признае дека отвореноста за регионална економска соработка не може да коегзистира со бесмислени визни режими. Да потсетиме, Зоран Тегелтија, претседавачот на Советот на министри на БиХ, беше еден од гласните поборници за подобрување на регионалната соработка на неодамнешниот самит „Отворен Балкан“, додека Милорад Додик, српскиот член на тричленото претседателство на Босна и Херцеговина, исто така, се појави како силен поддржувач на заедничкиот регионален пазар за Западен Балкан. Доколку сака да се приклучи на која било иницијатива за регионална економска соработка логично би било дека БиХ мора да го укине визниот режим за граѓаните на Косово.
Вклучувањето безвизен режим на целиот Западен Балкан, исто така, може да биде многу специфична цел на обновениот Берлински процес, кој наскоро повторно ќе почне.
- Александра Томаниќ е извршна директорка на Европскиот фонд за Балканот
- Катарина Тадиќ е програм менаџер во Европскиот фонд за Балканот