Со користењето на системот за авионско засејување на облаците процентот на заштита од град кај земјоделските површини е 80 отсто, што е повисоко од просекот на светско ниво кој е околу 60 отсто, велат од Министерството за земјоделство
Системот за авионско засејување на облаците со град се користи за заштита на земјоделските површини и процентот на успешност во превенција е 80 отсто, велат од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ) откако од ВМРО-ДПМНЕ побараа одговорност од Владата и од УХМР тврдејќи дека и покрај тоа што се плаќаат над милион евра за вакви услови, ни се случуваат природни непогоди и штети од град низ цела држава.
Од Министерството, пак, велат дека во јавноста се изнесуваат лажни наводи за овој систем и напоменуваат дека согласно договорот што е склучен, авионско засејување на облаците се користи за превенција на штети од град за земјоделските површини.
Сумата од еден милион евра, нагласуваат оттаму, се користи од 2020 година до денес. Исто така, ја нагласуваат и успешноста на системот која оди до 80 отсто.
„За оправданоста на овој метод и неговата важност во заштита на земјоделските површини говорат и бројките преку кои се гледа дека процентот на заштита од град кај земјоделските површини е 80 отсто, што претставува добар процент ако се земе предвид дека на светско нивно успешноста во заштита од град на земјоделски површини се движи во просек до околу 60 отсто. Статистички бројките говорат дека во периодот од 2020 до август 2022 година бројот на денови со градоносни облаци е многу поголем споредбено со периодот од 2016 до 2019 година. Бројките бележат многу помали штети во периодот од 2020 и 2021 година, токму поради користењето на системот за авионско засејување на градоносни облаци“,
велат од МЗШВ.
Статистиките кои ги споделуваат од Министерството говорат дека кога не се користел системот во 2016 година штетата на земјоделството била 233,6 милиони денари, а во 2018, пак, таа изнесувала 489,5 милиони денари. Во годините откако се користи системот, тврдат, таа е значително помала – во 2020 година изнесувала 120,4 милиони денари, а лани била 194 милиони денари.
„Дождот како природна појава не може во целост да се спречи, но може навремено да се превенира и да се делува во намалување на последиците од временските непогоди. Токму МЗШВ како одговорна институција навремено презема чекори за заштита на земјоделските површини од појава на град, токму преку системот за авионско засејување. УХМР навремено известува за временските нестабилности и секоја институција може навремено да се подготви план и да ги заштити граѓаните“,
велат од Министерството.
