Според УХМР, во Скопје денеска ќе преовладува променливо облачно, попладне нестабилно време со пороен дожд, грмежи и засилен ветер, а во делови од котлината ќе има услови за појава на невреме
Вчерашното невреме кое го зафати главниот град позади себе остави поплави на голем дел од улиците, подвозници, куќи и дворови. Има и искршени гранки и дрва, но и урнати монтажни објекти, а поплавени беа и Градскиот трговски центар (ГТЦ) и најголемиот трговски центар во земјава „Ист Гејт Мол“
Откако вчера попладне Скопје беше погодено од силно невреме проследено со дожд, ветер и град, Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР) и за денеска најавува нестабилно време во главниот град. Невремето позади себе остави поплави на голем дел од улиците, подвозници, куќи и дворови. Има и искршени гранки и дрва, но и урнати монтажни објекти, а поплавени беа и Градскиот трговски центар (ГТЦ) и најголемиот трговски центар во земјава „Ист Гејт Мол“.
Според УХМР, во Скопје денеска ќе преовладува променливо облачно, попладне нестабилно време со пороен дожд, грмежи и засилен ветер. Во делови од котлината ќе има услови за појава на невреме. Минималната температура ќе се спушти до 17, а максималната ќе достигне до 30 степени.
Променливо облачно и нестабилно време УХМР најавува и на територија не целата земја.
„Времето денеска ќе биде променливо облачно, од пладневните часови нестабилно, на повеќе места со пороен дожд, грмежи и засилен ветер. Локално ќе има поинтензивни процеси во форма на невреме со пообилен дожд за кратко време, силен ветер, електрични празнења и услови за појава на град“,
информираат од Управата.
До петок ќе се задржи нестабилно време, претпладне претежно сончево, а во попладневните часови на повеќе места ќе биде нестабилно со пороен дожд и грмежи. Локално процесите ќе бидат поинтензивни во форма на невреме со пообилен дожд, силен ветер, електрични празнења и појава на град.