ДСЗИ, по извршен надзор, даде извештај за тоа како течело лекувањето на 25-годишното момче од Берово
Државниот санитарен и здравствен инспекторат, по допрен глас за починат пациент од Берово по хируршка интервенција на заб, изврши вонреден инспекциски надзор во сите здравствени установи каде што се јавил на преглед во врска со здравствената состојба која завршила со смртен исход. Од надзорот е констатирано како течело лекувањето на 25-годишниот Јован Димовски од Берово.

„Од увид во индивидуалниот стоматолошки картон е утврдено дека од 10 август д-р Слободан Рушковски од ПЗУ ‘Д-р Рушковски’ – ординација по општа стоматологија во Берово е матичен стоматолог на пациентот Ј. Д., кога првпат е извршен стоматолошки преглед, при што е утврдено присуство на огромен оток на десна страна без можност да се изврши орален преглед поради болка и вкочанетост на долната вилица. Веднаш е креиран специјалистички упат до специјалист по орална хирургија при ПЗУ ‘Д-р Чавков – д-р Бајрактаров’ орална специјалистичка ординација по орална хирургија во Струмица во мој термин за 9.30 часот на 11 август. Пропишана била и антибиотска терапија од страна на матичниот стоматолог. Од увидот во здравствената евиденција и електронскиот систем е констатирано дека упатот не е реализиран, односно пациентот не се јавил на преглед. Истиот ден, 10 август, по препорака на матичниот стоматолог пациентот се јавил кај матичниот лекар д-р Ванчо Ременски при ПЗУ ‘Поликлиника биомедика’ при што од извршениот преглед биле констатирани оток и болка во десна букална и субмандибуларна регија, при што од страна на матичниот лекар е ординиран друг антибиотик и терапија“,
се наведува во извештајот од ДСЗИ.
На 13 август, се додава во извештајот, пациентот Ј. Д., поради болка и оток, повторно се јавил на преглед при што како итен случај повторно е упатен до специјалист, но овој пат специјалист максилофацијален хирург при ЈЗУ КБ Штип.
Пациентот Ј. Д првпат се јавил на преглед во ЈЗУ КБ Штип на 13 август во дежурна ургентна амбуланта каде што дежурниот доктор Владимир Милошев специјалист максилофацијален хирург извршил преглед, имало ординирана терапија, направена РТГ на глава и запис за прием на болничко лекување.
По приемот на хируршко одделение со максилофацијална хирургија извршена е екстракција на забот и киретажа, но бидејќи не е воспоставено спонтано дренирање извршена е екстраорална длабока инцизија со поставување лашва за пасивна дренажа, нагласуваат од ДСЗИ.
Пациентот, се додава во извештајот, е задржан на болничко лекување до 19 август од каде што, по подобрување на општата и локална здравствена состојба, по извршена контрола на медијастинумот со цел утврдување на дистално ширење на инфекцијата направен е контролен РТГ на бели дробови и добиен уреден наод, направени се контролни лабараториски испитувања, со препорачана терапија е испишан на домашно лекување, а закажана е контрола за два дена.
На 19 август во индивидуалниот картон е заведен извештај од ЈЗУ КБ Штип – Максилофацијална хирургија од д-р Владимир Милошев со назначена терапија.
На 21 август пациентот се јавил на контрола во ЈЗУ КБ-Штип каде што е извршена преврска на инцизионата рана и повторно му е закажана контрола за два дена.
На 22 август, поради влошена состојба (обилно крвавење од инцизионата ектраорална рана, фебрилен, со отежнато дишење и намалена сатурација) со возило на итна медицинска помош од Берово е донесен во ЈЗУ КБ-Штип.

По пристигнување пациентот Ј. Д. веднаш е спроведен во операциона сала, извршена е интубација и со општа анестезија пристапено е кон оперативна интервенција, нагласуваат од ДСЗИ.
Истовремено биле земени два бриса и не се најдени патогени бактерии според лабораторискот извештај додека резултатот од хемокултурата за време на инспекцискиот надзор сè уште е во тек.
Исто така, телефонски е побарана консултација со професор д-р Даница Поповиќ, специјалист максиолофацијален хирург, која дала насоки пациентот да не се транспортира во таква состојба во Скопје туку во наредните 24 часа да биде следена неговата состојба на одделението за интензивна нега со реанимација во ЈЗУ КБ-Штип.
„Од увид во амбулантскиот дневник на Итна медицинска помош Берово на 21 август во вечерните часови заведен е преглед на пациентот Ј. Д кој побарал здравствена помош поради општа лоша состојба со постоечка инцизиона рана со дрен, извршена е тоалета и преврска на раната, ординирана ампула диазепам, дадена оксигена терапија (кислород), препорачано земање таблети парацетамол за дома, со напомена ако е потребно веднаш да се јави повторно на преглед на Итна медицинска помош. На 22 август пациентот Ј.Д. со придружба од семејството повторно дошол во ИТМ-Берово каде што поради влошена општа состојба му е ординирана терапија физиолошки р-р 500 мл и ампула новалгетол и со возило на ИМП-Берово во придружба на медицинска сестра е транспортиран до ЈЗУ КБ-Штип каде што веднаш е примен на лекување“,
објаснуваат од ДСЗИ.
На 23 август, поради влошување на здравствената состојба на пациентот Ј. Д., со болничко возило и во придружба на специјализант доктор по анестезија и главна медицинска сестра на анестезија е пренесен на ЈЗУ УК-КАРИЛ во Скопје.
Пациентот е примен по претходно креиран упат од страна на др Владимир Милошев од ЈЗУ КБ Штип за понатамошно лекување. „Пациентот бил примен во крајно тешка состојба со знаци за септичен шок. Веднаш се преземени сите мерки за интензивно лекување, мониторинг, иследувања и терапија. Пациентот доаѓа со веќе извршено дијгностичко иследување КТ на белодробие после кое заради итноста на ситуацијата е повикан торакален хирург кој по преглед на компјутерскиот наод поставува торакален дрен. И покрај сите преземени мерки согласно протокол кај пациентот настапува смрт на ден 24 август, се наведува во извештајот од ДСЗИ.