Властите во Пакистан велат дека Соединетите Американски Држави, Велика Британија, Обединетите Арапски Емирати и други одговориле на повикот за помош при катастрофи, но оти се потребни повеќе средства. Пакистанската влада, додаваат тие, прави се што може за да помогне
Пакистанската влада соопшти дека повеќе од 33 милиони луѓе се погодени од поплавите, а речиси милион куќи се уништени или сериозно оштетени
Пакистан апелира на меѓународна помош откако бројот на загинати во поплавите предизвикани од монсунските дождови во земјата достигна 1 033. Националната управа за управување со катастрофи соопшти дека во претходните 24 часа загинале 119 лица.

Фото: EPA-EFE/JAMAL TARAQAI
Властите во Пакистан велат дека Соединетите Американски Држави, Велика Британија, Обединетите Арапски Емирати и други одговориле на повикот за помош при катастрофи, но оти се потребни повеќе средства. Пакистанската влада, додаваат тие, прави се што може за да помогне.

Во изјава за Би-би-си, претставникот на Министерството за внатрешни работи Салман Суфи рече дека земјата е очајна за меѓународна поддршка.
„Пакистан се бореше со економски проблеми, но сега, токму кога требаше да ги надминеме, се случи катастрофата од монсуните“,
рече тој, додавајќи оти средствата од многу развојни проекти се пренасочени кон ранливите.
Илјадници луѓе од северозападниот дел на земјата ги напуштија своите домови откако реките во провинцијата Хајбер Пахтунхва се излеаа од коритата, предизвикувајќи сериозни поплави. Провинцијата Синд во југоисточниот дел на земјата исто така беше тешко погодена од катастрофата, при што илјадници луѓе ги напуштија своите домови.
Сезоната на монсуните, која започна во јуни, донесе особено обилни врнежи од дожд во Пакистан, а спасувачките служби наидоа на големи тешкотии околу евакуацијата на илјадници луѓе заглавени во областите погодени од поплави. Пакистанската влада соопшти дека повеќе од 33 милиони луѓе се погодени од поплавите, а речиси милион куќи се уништени или сериозно оштетени.
Според Националната управа за управување со катастрофи уништени се повеќе од 80 000 хектари земјоделско земјиште, како и повеќе од 3 400 километри патишта и 149 мостови.
Во земјата е прогласена вонредна состојба.
Се очекува монсунските дождови да продолжат и следната недела, особено на југ и југозапад. Сезоната на монсуните во Пакистан обично започнува во јули и трае до септември.