Можни решенија би биле и диверзификација на цените според видот на производство на електрична енергија или промена на системот на дозволи за емисија. Тоа се многу технички дебати и секое решение има свои поддржувачи, изјави чешкиот министер за индустрија и трговија Јозеф Сикела
Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен и чешкиот премиер Петр Фијала се согласија Чешката Република, која претседава со ЕУ, да свика итен итен состанок на министрите за енергетика на земјите-членки што е можно поскоро за да се договорат како да се зауздаат цените на енергијата.
Фијала ова го објави на Твитер и најави „конкретни вонредни мерки за решавање на енергетската состојба“, додека министерот за индустрија и трговија Јозеф Сикела изјави дека средбата ќе се одржи во најкраток можен рок, но не прецизираше кога.
Тој неделава најави дека решението, кое секако ќе го поддржи Чешка, ќе биде поставување на максимални цени на струјата, гасот и нафтата во ЕУ.
„Можни решенија би биле и диверзификација на цените според видот на производство на електрична енергија или промена на системот на дозволи за емисија. Тоа се многу технички дебати и секое решение има свои поддржувачи“,
рече Сикела.
Контрола на цените на енергенсите кои излегоа од контрола по рускиот напад на Украина побара и претседателот на Чешка, Милош Земан, а денеска претставници на регионалните власти на Чешка побараа од владата да започне со регулирање на цените на енергијата од следната година, без разлика на европското решение.
„Порастот на цените е таков што веќе не може да се зборува за криза, туку за колапс. Русија користи гас како оружје. Нашиот предлог за домаќинствата е Владата од почетокот на годинава да премине на регулирана цена. Би се дотирале 75 отсто од вообичаената потрошувачка во конкретниот објект. За јавниот сектор државата треба да определи државен продавач на енергија. Енергетските компании би биле обврзани со закон да му продадат од 10 до 15 отсто од своето производство“,
изјави претседателот на Асоцијацијата на чешки региони, Мартин Куба.
Министерот за правда Павел Блажек предупреди дека расположението во општеството е најдраматично од падот на комунистите и дека доколку не се реши енергетската криза, се закануваат социјални немири и загрозен е самиот политички систем.
„Доколку не се најде заедничко европско решение, загрозена е и самата Европска унија“,
изјави Блажек на седницата на Домот на пратеници на чешкиот парламент.