Изјавите со кои се остава простор изборите да не се одржат на 12 април, во зависност од развојот на ситуацијата со коронавирусот, стигнаа од премиерот Оливер Спасовски и од лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски
Најголемите владејачка и опозициска партија СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ не исклучуваат можност предвремените парламентарни избори, сепак, да не се одржат во закажаниот термин – 12 април. И од двете партии велат дека засега не се разговара за таква опција, но од аргументацијата и тонот во одговорите на конкретните прашања се стекнува впечаток дека одложување е можно.
Премиерот на техничката влада, Оливер Спасовски, во интервју за емисијата „360 степени“ што ќе се емитува вечерва на ТВ Алсат од 22 часот, оценува дека засега состојбата е стабилна, но дека никој не може да предвиди каков ќе биде развојот на настаните.
„Јас кога велам дека здравјето и животот на граѓаните се најважни и дека тоа е општа констатација на сите, јас не гледам кој е тој политички интерес поважен од еден човек“,
изјави Спасовски за „360 степени“.

Со сличен став денеска излезе и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски. Прашан за коментар на ставот на претседателот Стево Пендаровски дека не е крај на светот ако изборите се одложат за еден месец или два, Мицкоски рече дека се согласува дека не е крај на светот и дека треба да се направи се во насока на заштита на здравјето на граѓаните.
„Ставот од лидерската средба е јасен, дека првиот чекор што се презема е да се напушти организирање масовни собири, митинзи, иако во текот на вчерашниот ден видовме неколку такви масовни собири. Така што, остануваме на тој став дека во овој момент изборите се закажани за 12 април, сето она што треба ние како одговорни политичари и одговорни политички партии да го направиме, ќе биде анализа на состојбата и носење на заклучоци и предлози соодветно на таа анализа. Во овој момент анализата вели дека најпрвин треба да ги напуштиме масовните собирања, митинзи и итн. А, за останатите понатамошни случувања, ќе направиме дополнителни анализи и ќе излеземе со дополнителни заклучоци. Инаку – да, точно е, се согласувам со вас: не е крај на свет, се треба да се направи, се во насока на заштита на здравјето и функционалноста на системот“,
одговори Мицкоски на прес-конференцијата.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ на прес-конференцијата побара веднаш да се прогласи кризна состојба на територијата на целата држава за Владата да може да донесе сет мерки во услови кога Собранието е распуштено и за заштита на здравјето на граѓаните и за помош на бизнисот.
Владата денеска прогласи кризна состојба на подрачјата на општините Дебар и Центар Жупа, главното жариште на коронавирус во земјава.