Случајот со кој се поврзува наводно планираното апсење го откри „360 степени“ кон крајот на 2021 година, а Русковска отвори предистрага во мај оваа година
Суспендираната шефица на Основното јавно обинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО-ГОКК), Вилма Русковска, вели дека е шпекулација оти се подготвувало апсење на министер. Во изјава за „А1он“ Русковска кажала дека не е точно оти поради можно влијание, повторување на делото и бегство се планирало притвор за министер поради предмет во кој се испитува зошто МВР со месеци го чувале во фиока решението за привремена забрана за работа на станицата за технички преглед „Виа комерц“ од с. Глумово, општина Сарај. Токму во оваа станица беше направена последната контрола на автобусот на „Беса Транс“ што изгоре во Бугарија и со себе однесе 45 животи.
Изјавата на Русковска доаѓа како реакција на пишувањата на некои медиуми дека било планирано апсење на министер откако се прибавени сите докази за случајот.
Шефицата на ОЈО-ГОКК појаснила дека се обезбедени писмените докази и оти било планирано од утре да почне процесот на сослушување сведоци. Сепак, тоа не може да се случи бидејќи државниот обвинител Љубомир Јовески ја суспендираше по претресот во Управата за финансиска полиција, а како причина ја наведе кривичната пријава што против неа ја поднесе директорот на Финансиската полиција, Арафат Муареми.
„360 степени“ го откри случајот пред Нова година, а Русковска отвори предистрага во мај
„360 степени“ за случајот со „Виа комерц“ пишуваше уште лани пред Нова година. Инспектори на МВР во август 2021 година предложиле привремено затворање на станицата за технички преглед поради серија констатирани недостатоци, а министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски го сторил тоа дури во ноември, три дена по трагедијата на автобусот во Бугарија во која загинаа 45 патници.
Истиот ден (26 ноември 2021 г.) кога на прес-конференција информираше дека во „Виа комерц“ бил направен последниот технички преглед на автобусот на „Беса транс“ и дека притоа не биле утврдени пропусти, министерот Спасовски, без да ја информира јавноста, издал решение за привремена забрана за работа на станицата.
Причините утврдени неколку месеци претходно биле повеќеслојни – од тоа дека во станицата не се водат потребните регистри на возила на кои им е извршен технички преглед, до тоа дека во контролата учествувале нестручни лица.
„На овој начин се овозможува во сообраќајот на патиштата да учествуваат технички неисправни возила, односно возила кои може да претставуваат опасност по безбедноста на сообраќајот на патиштата“,
се наведува во решението за привремена забрана за работа.
„360 степени“ откри дека надзорот, всушност, бил спроведен уште во август, а на 25 истиот месец, надлежните служби на МВР изготвиле предлог-решение за забрана за работа на станицата. Решението за привремена забрана за работа е со датум – 26 ноември 2021 година, три дена по големата трагедија во Бугарија.
На 5 мај 2022 година Русковска отвори предистрага за случајот. Истражители од ОЈО-ГОКК го посетиле Министерството за внатрешни работи и од два сектора ја подигнале документацијата поврзана со случајот.
„Виа комерц“ стана „Виа контрол“
Во јуни оваа година „360 степени“ провери каква е состојбата на терен. Затекнавме отворени врати, работници и муштерии дојдени да направат технички преглед на возилата. Во истите објекти во кои функционираше „Виа комерц“ сега работи друго правно лице со слично име – „Виа контрол“. Сопственикот на претходната фирма Џемаљ Науиши, во новата компанија се јавува како управител. „Виа контрол“ е основана на 17 јануари годинава, по истекот на рокот во кој претходната фирма „Виа комерц“ требаше да ги отстрани пропустите за да продолжи со работа.
Како е можно нова фирма да продолжи на старото „проблематично“ место и со истата дејност – тогаш прво прашавме во МВР.
Звучи неверојатно, но е вистинито. „Виа комерц“, всушност, никогаш не ги отстранила пропустите и МВР трајно и ја одзело лиценцата. Само неколку дена подоцна – нова фирма, „Виа контрол“, добива „чиста“ лиценца за работа во истиот објект.
Од МВР ни рекоа дека се е по закон и дека самите барале измени во легислативата со кои нема да смее нова компанија да добие лиценца за технички преглед на возила во објект кој бил користен од фирма што ја изгубила лиценцата во последните 3 години.
Овој член од законот, велат, „паднал“ на Уставен суд.
„Согласно горенаведеното, нема законска пречка новиот правен субјект Друштво за трговија и услуги ВИА Контрол ДООЕЛ увоз-извоз од Скопје да добие овластување за вршење дејност во истиот објект доколку ги исполнува законски предвидените услови“,
соопштија тогаш од МВР.
(ВИДЕО) Случај „Виа комерц“: Како законски да не работиш законски (360stepeni.mk)
Но, сега поради суспензијата на Русковска, сослушувањето сведоци, како што вели самата обвинителка, нема да може да почне според планираното – од утре. Иако од Јавното обвинителство на РСМ пред неколку дена соопштија дека ОЈО-ГОКК непречено функционира, кој ќе ги преземе и со каква динамика ќе ги работи серија предмети во ова обвинителство, допрва ќе треба да стане јасно.