Извештаите сугерираат дека Дарија Дугина требало да патува со татко ѝ и дека можеби тој бил целта
Ќерката на ултранационалистичкиот руски идеолог Александар Дугин, за кој се верува дека има силно влијание врз рускиот претседател Владимир Путин, загина во експлозија на автомобил во предградието на Москва, соопшти рускиот Истражен комитет, пренесуваат денеска светските медиуми. Иако многумина се сомневаат дека цел на атентатот бил Дугин, овие наводи се уште не се официјално потврдени, но е покрената опсежна истрага за овој настан.

„Експлозивната направа која наводно била поставена во автомобилот експлодирала во движење и автомобилот се запалил. Возачот починал на лице место. Утврден е идентитетот на починатиот: се работи за новинарката и политиколог Дарија Дугина“,
се наведува во извештајот на Истражниот комитет.
Allegedly Dugin at the location where his daughter was assassinated. pic.twitter.com/2dHo6T4I27
— Dmitri (@wartranslated) August 20, 2022
Руски медиуми пишуваат за хронологијата на вечерта во која се случи експлозијата. Дугин во саботата во 18 часот одржа предавање на тема „Традиции и историја“ на фестивалот во село Захарово. Неговата ќерка била таму како почесен гостин. Подоцна, во 21:25 часот, Дарија влегла во автомобилот и го напуштила фестивалот. Татко и ја следел, пренесува „Известија“.
Автомобилот во кој се наоѓала излетал во 21:35 часот на автопатот Можајска, по што одекнала силна експлозија кај селото Болши Вјаземи.
Најпрвин полицајците претпоставувале дека во автомобилот експлодирала боца со плин, но по првичната анализа верзијата за подметната експлозивна направа во автомобилот станала клучна за инцидентот.
Се уште не е позната точната локација на експлозивната направа. Сомневањата се дека бомбата била закачена за автомобилот на фестивалскиот паркинг. Како што и се претпоставува, таму нема безбедносни системи и видео камери.
Alexander Dugin di fronte all’auto appena esplosa con dentro la figlia. pic.twitter.com/niKaQmsg0M
— Marina (@tamamaris) August 21, 2022
Учесникот на фестивалот „Традиција“, Пјотр Лундстрем, во интервју за „Известија“ навести дека тие што го разнеле автомобилот во кој била Дарија Дугина, можеби, подготвувале атентат на нејзиниот татко. Тој објасни дека Дугин требало да се вози во автомобилот што експлодирал, но пред да замине решил да се префрли во друг автомобил.
Шефот на самопрогласената Доњецка Народна Република (ДНР), Денис Пушилин, одговорните за смртта на ќерката на познатиот филозоф Александар Дугин ги нарече „терористите на украинскиот режим“. Според него, „терористите на украинскиот режим, кои се обидуваат да го елиминираат Александар Дугин, ја разнесоа неговата ќерка“.
Пријателот на Дарија и шеф на социјалното движење „Руски хоризонт“, Андреј Краснов, потврди дека Дарија е убиена, но и посочи дека бомбата може да била наменета за нејзиниот татко.
„Ова беше возилото на татко ѝ. Дарија возела друг автомобил, но денес го зела неговиот, додека Александар тргнал на друга страна. Тој се вратил и дошол на местото на трагедијата. Колку што разбрав, целта бил Александар или веројатно и двајцата “,
изјави Краснов, пренесува Гардијан.
Кабинетот на украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска ги отфрли тврдењата дека Киев стои зад убиството на Дарија Дугина.
„Украина, се разбира, нема никаква врска со вчерашната експлозија, бидејќи ние не сме криминална држава, како Руската Федерација, а уште помалку терористичка држава“,
изјави за новинарите советникот во претседателскиот кабинет Михаил Подољак.
Според него, Русите креваат тензија за да постигнат јавна мобилизација, а не прикриена.
Подољак вели и дека во Русија сега има различни политички групи кои се борат меѓу себе за да го прераспределат внатрешниот идеолошки простор во земјата.
Дугин е познат по развивањето на екстремно десничарски поглед на Русија. Тој во западните медиуми се опишува како „фашист“ кој помогна во обликувањето на експанзионистичката надворешна политика на Владимир Путин, пишува Гардијан.