Алијанса за Албанците бара техничка влада. Претседателот на партијата, Зијадин Села од Тетово порача дека постојат повеќе аргументи зошто треба да се формира нова влада.
„Сегашната Влада предводена од Димитар Ковачевски нема легитимитет, затоа што тој не е избран на избори. ДУИ нема легитимитет затоа што ветуваше прв премиер Албанец, но тоа не го исполни. Тука се и проблемите со уставните измени, процесот на водење на државата на преговорите со Европската Унија, нефункционалноста на државата поради корупцијата и многу други работи“,
порача Зијадин Села од Тетово, каде АА со отворање на нови канцеларии во центарот на градот ја заврши кампањата за вонредните избори за Совет на Тетово.
Претходно и потпретседателот на партијата и градоначалник на Гостивар, Арбен Таравари предложи формирање на привремена експертска влада за која треба да се договорат сите партии.
„Мојот апел е политичките партии да понудат експерти кои за година или година и пол би ја подготвиле земјата за следните парламентарни избори кои треба да се одржат или следната 2023 или 2024 година. Овие имиња не треба да се имиња од политички партии, туку луѓе кои се познати како експерти во различни области, Албанци и Македонци, на кои сите политички партии би им верувале бидејќи имаат професионален кредибилитет“,
вели Таравари.
Вели дека во сегашната ситуација уставните измени се невозможни и затоа верува дека техничка влада би била решение.
Токму за уставните измени има поделеност меѓу власта и опозицијата. Шефот на дипломатијата денеска рече дека имаме 16 месеци за да ги спроведеме измените. Од друга страна, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски бара седницата да се свика веднаш, а доколку власта не обезбеди 80 пратеници да се оди на предвремени парламентарни избори.