Во Основниот кривичен суд во Скопје утрово продолжи судењето за случајот „Рекет“ каде што обвинети се Бојан Јовановски-Боки 13 и Катица Јанева.
Со денешното рочиште започна и изведувањето на доказите на Катица Јанева, а јавноста беше присутна во судница помалку од еден час, по што беше исклучена бидејќи почнаа да се презентираат материјали од предметот „Империја“ каде што осомничен е бизнисменот Орце Камчев, кои во моментов се тајност зашто предметот се наоѓа во истрага.
Од останатите докази што се презентираа јавно, новинарите можеа да видат потврда за каса прими од „Зона мебел“ каде што се купени запленетите тросед и две фотелји.
Се гледаше и извадок од емисија од 1ТВ на 29 јануари 2019 во која гостуваат тогашните обвинители во СЈО Катица Јанева, Лиле Стефанова и Трајче Пеливанов. Во десетминутното видео Јанева и Стефанова зборуваат за предметот „Империја“ и за мерките притвор и куќен притвор. Јанева во него кажува дека таа е поборник мерките притвор да траат што е можно пократко, како и дека СЈО има побарано притвор за осум лица во своите случаи. Од видеото, рече нејзиниот адвокат Дељо Кадиев, се гледа каков е ставот на Јанева за притворот.
Адвокатот презентираше и извод од трансакциската сметка на Јанева од која, како што рече, може да се види дека единствените примања што ги имала од септември 2018 до октомври 2019 година се платата и еден хонорар исплатен од Владата за учеството во Советот за реформи во правосудството. Исто така, меѓу нејзините докази се најдоа и анкетниот лист до Антикорупциска, како и решението од Советот за јавни обвинители за нејзино разрешување.
„Во него се укажува на причините за нејзино разрешување, кои може да се види дека не претставуваат кривично дело“,
рече Кадиев.
Тој презентираше и документ за телефонот што ѝ беше запленет на Јанева.
„Станува збор за објаснување од Стопанска банка за телефонот марка ‘епл’ дека нејзината сестра Лиле Делиџакова го добила на наградна игра“,
појасни адвокатот.
Во врска со сестра ѝ, се презентираа и уплати што таа ги направила на сметката на болницата „Систина“ за лекувањето на нивниот татко Костадин Делиџаков.
„Ова се презентира поради коментарите дадени од Ана Камчева во една од снимките објавени на ‘Ла Верита’ каде што таа вели дека татко ѝ на Катица Јанева се лекувал во ‘Систина’, а од овој доказ може да се види дека не се работи за никакво коруптивно однесување, туку дека сè е платено регуларно“,
потенцираше Кадиев.
По овие докази, новинарите ја напуштија судницата поради презентација на материјалните докази од „Империја“.
Следното рочиште кога јавноста ќе биде присутна во „Рекет“ е закажано на 23 март и тогаш треба да се почне со сослушување на сведоците предложени од Јанева. Таа предлага вкупно 13 сведоци, а први на листата се обвинителите што работеа во СЈО: Гаврил Бубевски, Ленче Ристоска, Фатиме Фетаи и Трајче Пеливанов.
Веројатно и дел од нивните сведочења ќе бидат затворени за јавноста поради тоа што прашањата ќе се однесуваат на случаи на СЈО што се во истрага или предистрага.
На вчерашното рочиште, пак, се заврши со презентација на доказите на Боки. Тој вчера во судница покажа околу 1 600 фотографии што ги објавил од Инстаграм во период од 2013 до средината на 2019 година. Со нив тој сакаше да покаже дека гардеробата што му ја заплени обвинителството не е купена со парите од рекетот во втората половина на 2019 година, туку ја имал многу порано.