Во пораките од полицијата на Црна Гора до јавноста можеше да се препознае и страв од евентуална крвна одмазда
Луѓе од опкружувањето на Вук Бориловиќ, кој вчера во Цетиње уби десет сограѓани, меѓу кои и две малолетни деца, сведочеле за промена во неговото однесување последниот период, велат од црногорската полиција од каде денеска соопштија детали за масакрот. Во овој контекст, се спомнува и закажан специјалистички преглед.
„Во интерес на јавноста, укажуваме дека врз основа на прибраните информации, постојат индиции, засновани на изјави на лица од непосредната околина на В.Б., кои укажувале на промени во неговото однесување, но не и на потенцијално извршување на вакво кривично дело, а по тој повод бил закажан и специјалистички преглед за В.Б. Потенцираме и дека нема сознанија, ниту е пријавено во полиција дека имало претходни конфликти, ниту пак напад во последниот период од страна на В.Б. на семејството потстанари“,
соопштија од полицијата на Црна Гора.

Од полицијата апелираа на солидарност и овој трагичен настан да не се злоупотребува во јавниот живот и на социјалните мрежи, со ставање во погрешен или манипулативен контекст бидејќи, како што беше речено, злонамерното, неточно и неосновано прикажување на фактите за поединци, како и за редоследот на настаните, ниту е израз на почит кон жртвите, ниту, пак, им помага на надлежните институции да ги завршат сите постапки согласно законот. Во пораките од полицијата до јавноста можеше да се препознае и страв од евентуална крвна одмазда.
„Многу е важно, особено во контекст на бројните неодговорни коментари, соопштенија, изјави и однесувања, да се спречат какви било причини за понатамошни конфликти меѓу семејствата, а особено во рамките на негативните обичаи што треба да се искоренат на територијата на Црна Гора“,
велат од полицијата.