Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска вели дека тоа што на некого не му е продолжен договорот, значи дека раководството не е задоволно од неговата работа а конкретно за 33 лица вработени во ЈП „Комунална хигиена“, кажа дека станува збор за лица кои не си ги извршувале своите работни обврски, а најголем дел нив не се ни појавувале на работното место.
Кога станува збор за заканите кои таа ги добила во изминатиот период токму поради прекинувањето на договорот на овие лица, таа изјави дека тие се неприфатливи и не смеат да се дозволат во едно демократско општество. Според Арсовска, доколку некој смета дека овие лица треба да бидат поддржани за нивното непрофесионално однесување треба јавно да излезе и да го каже тоа.
„Ние, својот мандат го имаме добиено од граѓаните, да им се испорачуваат најдобрите можни услуги и притоа да нема непродуктивни трошења на лица кои не си ги извршуваат своите работни обврски. На крајот, одговорноста за тоа дали работата се завршила како што треба или не, е наша, а оние лице кои не доаѓаат на работа сметам дека треба да наидат на силна осуда во општеството“,
рече Арсовска.
Таа кажа дека ваквите реформи ќе продолжат и во следниот период и порача дека одговорност ќе сноси секој што дозволил со години некој да зема плата а да не се појавува на работното место.