Синоќешната проекција беше од затворен карактер. Документарниот филм „Брз одговор ’22“ ќе биде прикажан за македонската јавност на првиот канал на МРТ на 18 Август – Денот на Армијата во рамките на програмата за одбележување на 30-годишнината од нејзиното формирање
Филмот „Брз одговор ’22“ ги документира активностите на припадниците на британската армија кои со околу двеилјадно присуство беа најбројни на воената вежба, капацитетите на армискиот полигон Криволак, како и интероперабилноста меѓу НАТО-армиите, а сценариото е базирано на приказните на двајца британски војници, припадници на падобранскиот полк, кои првпат беа во Северна Македонија
Премиерна проекција на документарниот филм за воената вежба „Брз одговор ’22“ се одржа синоќа во Скопје во организација на Британската амбасада. Филмот е во продукција на „360 степени“.

Домаќин на настанот беше новиот британски амбасадор во земјава, Метју Лосон, а присуствуваа и министерката за одбрана Славјана Петровска, военото аташе во Британската амбасада, потполковник Метју Вокер, дипломати, новинари и други гости.

Филмот „Брз одговор ’22“ ги документира активностите на припадниците на британската армија кои со околу двеилјадно присуство беа најбројни на воената вежба, капацитетите на армискиот полигон Криволак, како и интероперабилноста меѓу НАТО-армиите, а сценариото се базира на приказните на двајца британски војници, припадници на падобранскиот полк, кои за првпат беа во земјава.

„Целта е да ја отсликаме импресивната демонстрација на капацитетите на НАТО-силите со висока готовност. Обединетото Кралство останува близок партнер на Северна Македонија во градењето на нејзините капацитети за НАТО”,
рече во воведното обраќање пред проекцијата амбасадорот Лосон.

„Низ објективот на камерата претставени се импресивните капацитети на армискиот полигон Криволак отсликани преку заложбите и успешноста на НАТО-силите да одговориме и да се поддржиме едни со други како сојузници“,
напиша на својот Фејсбук-профил министерката Петровска по проекцијата.
Документарниот филм „Брз одговор ’22“ ќе се емитува на првиот канал на МРТ на 18 Август – Денот на Армијата во рамките на програмата за одбележување на 30-годишнината од нејзиното формирање.
„Брз одговор ’22“ е долго планирана, најголема воена вежба досега со учество на дваесеттина земји членки на НАТО. Се реализираше во повеќе држави и партиципираа околу 18 илјади трупи. Меѓу тие држави беше и Северна Македонија како домаќин на осум НАТО-земји со повеќе од четири илјади војници од Обединетото Кралство, Италија, Франција, САД, Шпанија, Грција, Албанија, Црна Гора и домаќинот Северна Македонија.