Претходникот на Арсовска, Шилегов реагираше дека земјените патеки кои постојат во т.н. турски дел од паркот се останати како традиција. Од Зелен хуман град, пак, побараа прекин на асфалтирањето од причина што црниот асфалт ќе влијае на зголемување на температурите и бараат Градот да се држи до препораките во стратешките документи
Патеката околу малиот лавиринт во Градскиот парк во Скопје отсега ќе биде со асфалт. Ова се прави во рамки на реконструкцијата на пешачките патеки во првиот дел од Градскиот парк што ја започнаа градските власти.
Покрај оваа, најави денеска градоначалничката Данела Арсовска, со асфалт ќе бидат покриени патеки во вкупна површина од 7 500 квадрати метри кои досега беа со ризла, а нова асфалтна маса ќе биде ставена и на веќе постоечките асфалтирани, но оштетени патеки на површина од 5 000 квадрати метри.
„Во активностите во оваа фаза на реконструкција на патеките во првиот дел од Градскиот парк ЈП Улици и патишта во изминативе денови веќе започнаа со целосна реконструкција на пешачките патеки со ризла, потоа следи фаза на реконструкција на оштетените асфалтни патеки и санација на истите кои ќе бидат обновени со нова асфалтна маса“,
посочи денеска директорот на Јавното претпријатие „Улици и патишта“, Борис Настов кој заедно со Арсовска извршија увид во работата на терен.
Меѓутоа, ваквиот план за реконструкција наиде на реакција кај претставниците на СДСМ кои се опозиција во Град Скопје, а меѓу оние кои реагираа е и претходникот на Арсовска, Петре Шилегов.
„Во Градскиот парк во Скопје, во таканаречениот турски дел (паркот е подигнат на почетокот на 20-ти век), постојат (постоеа, сега веќе) земјени пешачки патеки, останати таму како традиција. Стојат така повеќе од сто години. До денес. Денес дојдоа ’новите ветришта‘ … Изборот на асфалт како подлога за стази во парк, во денешно време, е ствар на тотално незнаење и дефинитивно на лош, ама многу лош вкус“,
вели Шилегов во реакција на социјалните мрежи.
Реагираше и потпретседателот на социјалдемократите и поранешен градоначалник на Карпош, Стефан Богоев, кој го критикува ваквиот чекор бидејќи зголемувањето на асфалтирани површини ќе ги зголеми и температурите за неколку степени.
Од Зелен хуман град (ЗХГ) кој во советот на Град Скопје е застапен со двајца советници, пак, побараа прекин на асфалтирањето. Оттаму бараат Градот веднаш да ги адаптира своите активности на препораките кои се дел од сратешките документи што локалната самуправа ги изработува, како што е Стратегијата за отпорно Скопје од 2017 година во која се вели дека „колку повеќе бетон и асфалт, толку повисока температура. Потребни се повеќе зелени површини, зелени покриви и зелени фасади“.
„Ако земеме предвид дека според картата на урбани топлински острови, централното подрачје на Скопје се издвојува како најтопло место во кое се забележани највисоки среднодневни температури, тогаш е сосема јасно дека сите напори и активности на Градот мора да се насочени кон намалување на температурите, а тоа секако не се постигнува со нанесување црн асфалт кога постојат далеку поадекватни алтернативи. Темните површини многу повеќе се загреваат од светлите, а со тоа и ослободуваат поголема топлина (а со тоа и емисии) во воздухот. Според јавно достапните научни податоци, црниот асфалт под директна сончева светлина ослободува и до 300% повеќе емисии!“,
велат од ЗХГ.
Доколку чакалот не е алтернатива, велат оттаму, бекатон плочките и тревните плочници се веќе во широка употреба кај нас.