Земјава нема амбасадор во Вашингтон од 2018 година до кога функцијата ја извршуваше Васко Наумовски. Покрај за САД, пред собраниската комисија треба да се појави и Агрон Буџаку, кој е поранешен функционер и ексамбасадор во Париз, а сега треба да го пополни амбасадорското место во Канада
Неколку нови амбасадори на Северна Македонија се пред заминување на новите функции во странство откако ги поминаа сите филтри и остана уште да ги претстават своите тези пред Комисијата за надворешна политика. Комисијата со која раководи Антонио Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ вчера попладне закажа седница за оваа точка за денеска.
Меѓу амбасадорските места кои се пополнуваат е и тоа во Вашингтон, САД. Таму нов амбасадор ќе биде Зоран Попов е предвидено тезите пред Комисијата за надворешна политика да ги брани зад затворени врати бидејќи материјалите по таа точка се со назнака строго доверливо и ќе бидат присутни само пратеници со безбедносни сертификати.
Агреманот за Попов од Вашингтон беше добиен пред околу еден месец и тој заминува во амбасадорската мисија од функцијата државен секретар во Министерството за надворешни работи (МНР).
Со неговото заминување во САД, ќе се пополни едно од најважните амбасадорски места за нашата дипломатија кое беше празно веќе четири и пол години. Последен македонски амбасадор во Вашингтон беше Васко Наумовски во периодот од 2014 до 2018 година.
Покрај Попов, своите тези пред собраниската комисија треба да ги претстави и Агрон Буџаку кој е нашиот нов амбасадор во Канада. Буџаку е познат за македонската јавност по тоа што во 2004 година неколку месеци беше министер за транспорт и врски, а беше и пратеник. На претседателските избори во 2009 година беше претседателски кандидат од редовите на ДУИ, а во својата кариера има и амбасадорско искуство. По изборите беше назначен за амбасадор на земјава во Франција каде остана до 2015 година, а во 2016 година, пак, стана директор на Центарот за управување со кризи (ЦУК).
Покрај Попов и Буџаку, пред членовите на Комисијата предвидено е своите тези за дипломатските активности да ги претстават и новите амбасадори на земјава за Норвешка – Дритон Куќи, Белгија – Методија Белевски и Словачка – Евгенија Илиева.
Во наредниот период се очекува да се пополнат уште неколку испразнети амбасадорски места бидејќи како што претходно информираше МНР добиени се агремани за уште тројца амбасадори и во тек се нивните подготовки за преземање на должноста. Барањето до Собранието за закажување седница на Комисијата за надворешни работи за овие тројца амбасадори, како што најави МНР минатата недела, ќе биде пратено во скоро време. Станува збор за амбасадорските места во Франција каде ќе замине актуелниот директор на Агенцијата за национална безбедност (АНБ), Виктор Димовски, како и во Бугарија каде амбасадорка ќе биде Агнеза Руси и во Турција каде заминува Јован Манасијевски.