Општина Берово упати апел до граѓаните за помош при гаснење на пожарот со цел да не прерасне во големина каква што имаше минатата година
Гори мешана шума од бука и даб меѓу беровските села Митрашинци и Будинарци, како и сува трева и шума на планината Средна на местото Света Вода, меѓу делчевските села Разловци и Трботивиште.
Командирот на ТППЕ-Берово, Сашко Руменковски вели дека пожарот се шири поради ветерот.
На терен се излезени пожарникарите, како и вработени од ЈП „Македонски шуми“.
„Потребни се дополнителни сили за да се спречи брзо ширење на пожарот, побарано е од Дирекцијата за заштита и спасување, а нашиот градоначалник го побара и специјалното возило за гасење на шумски пожари од Доброволното Противпожарно друштво во Пехчево“,
вели Руменковски.
Општина Берово упати апел до граѓаните за помош при гаснење на пожарот.
„Во моментот гори голем пожар над селото Митрашинци, над објектите на семејството Валаски. Пожарот може да прерасне во големина каква што имавме минатата година. Апелираме до населението, до граѓаните посебно од селата Митрашинци, Будинарци, Мачево, да се упатиме во што поголем број доброволци за побрзо гаснење на истиот со цел да не прерасне во големина каква што имавме минатата година“,
велат од таму.
Пожарот е регистриран синоќа на сува трева од страна на вработените на ЈП „Македонски шуми“, но попладнево е раширен поради ветерот. Според Руменковски во моментов нема опасност, по населените места во беровскиот регион, огнената стихија е во планинскиот предел.
Во Пијанец, пак, според првичните информации зафатена е површина од два-три хектари шума и сува трева. На терен се сите екипи на ТППЕ-Делчево, ЈП „Македонски шуми“, Доброволното Противпожарно друштво, како и припадници на Граничната полиција.