Со компаниите „Штрабак“ и „Ѓулермак“ се потпишани договори за изградба на пругата на Коридорот 8 и реконструкција на дел од пругата на Коридорот 10
Со инвестиција од 200 милиони евра ќе продолжи изградбата на пругата на Коридорот 8 и ќе се реконструира дел од пругата на Коридорот 10. Трите договори за изградба на пруга, прва и втора фаза на Коридор 8 на релацијата Куманово – Бељаковце – Крива Паланка и за реконструкција на пругата од Ногаевци до Неготино на Коридорот 10, денеска ги потпиша директорот на ЈП „Железници на Република Северна Македонија“, Хари Локвенец со компаниите „Штрабак“ и „Ѓулермак“.

Првиот договор во вредност од 4,8 милиони евра, потпишан со фирмата „Штрабак“, предвидува реконструкција на делот од пругата на Коридорот 10 од Ногаевци до Неготино во должина од 31 километри со рок на градба од шест месеци.
Вториот договор во вредност од 40,5 милиони евра, потпишан со фирмата „Штрабак“, е за првата делница на Коридорот 8 кон Бугарија во должина од 31 километар и рок на градба од 24 месеци. На овој дел ќе бидат изградени и три железнички станици во Ново Куманово, Шупљи Камен и Бељаковце, како и шест стојалишта во Лопате, Перо Чичо, Проевце, Клечовце и Довезанце.
Третиот договор е со фирмата „Ѓулермак“ за изградба на втората делница од Коридорот 8 кон Бугарија на делот од Бељковце до Крива Паланка во должина од 34 километри и вредност од 155 милиони евра, а рокот на градба е 36 месеци. И на овој потег ќе бидат изградени две железнички станици во Крива Паланка и Гиновце и три стојалишта во вториот дел на пругата.
Овие проекти се финансирани со кредит од Европската банка за обнова и развој – ЕБОР, но во вториот лот се користат средства од инструментот на ЕУ – Инвестициски фонд за Западен Балкан (ВБИФ), во висина од 68,5 милиони евра.

Како што истакна директорот на „Железници“, Локвенец на денешната прес-конференција во Владата, и за третата делница на Коридорот 8 од Крива Паланка до Деве Баир од ВБИФ е добиена потврда за доделување инвестициски грант во висина од 155 милиони евра.
Заедно со претходно обезбедените 61 милион евра од ИПА 2 програмата за третата делница е добиен грант во вкупна вредност од 216 милиони евра за проектот чија проектна вредност е 405 милиони евра.
Според премиерот Димитар Ковачевски ова е последниот од неколкуте големи инфраструктурни проекти со кои се заокружува идејата за Северна Македонија како раскрсница на Балканот, а кој ќе овозможи регионално поврзување и интеграција на Република Северна Македонија во европските железнички коридори.
„Инвестицијата воедно ќе обезбеди отворање на нови европски рути за железнички превоз и ќе нѐ поврзе со пристаништата во Албанија и Бугарија. Регионалното поврзување од овој тип е исклучително важен момент за нашата економија. Со оваа инфраструктурна инвестиција се отвораат и практично обезбедуваат нови пазари за домашните компании. Нашите компании полесно и побрзо ќе се поврзат со регионот и пошироко што отвора многу нови можности за просперитет и економски развој. Алтернативните рути кои ги обезбедува оваа инвестиција во крајна линија ќе значат и поевтин транспорт за компаниите, намалувајќи го товарот врз стопанството кое го носи економската и енергетска криза во која се наоѓаме“,
рече премиерот Ковачевски.
Инвестицијата, додаде тој, несомнено ќе значи и подобрување на макроекономски параметри на државата, значајни во време на глобална економска криза.
