Соединетите Американски Држави ги поздравуваат чекорите што Европската Унија ги презема за унапредување на интеграцијата на Западен Балкан во евроатлантската заедница и тоа преку отворање на пристапните преговори со Албанија и Северна Македонија.
Во изјавата на претседателот Џо Бајден, која ја објави Белата куќа, се вели дека во време кога Русија го наруши мирот во Европа, поважно од кога било е да се поддржи стремежот за Европа да е слободна и во мир.
„Демократски, безбеден и просперитетен Западен Балкан останува суштински за оваа визија. САД ќе бидат силен и доверлив партнер додека овие држави работат на одбрана на човековите права, зајакнување на демократските реформи и поддржување на владеењето на правото. Чекорите што ЕУ, Албанија и Северна Македонија ги презедоа во последните денови треба да ги инспирираат сите аспиранти за ЕУ во регионот, да ја зголемат својата посветеност за зајакнување на нивните демократии“,
се вели во изјавата на Бајден.
Денеска Северна Македонија официјално ги почна пристапните преговори со Европската Унија. Во зградата на Европскиот совет во Брисел претпладнето се одржа првата меѓувладина конференција со ЕУ, а попладнево отпочнува скрининг-процесот.
Премиерот Димитар Ковачевски на меѓувладината конференција се обрати на македонски јазик, оценувајќи дека ова е историски ден за нашата држава.