Роботот, практично, има вештачка интелигенција, па доволно е да се внесе во желудникот на пациентот, каде потоа самиот оперира под контрола на оператор. Доцент д-р Иво Бошкоски, кој е родум од Тетово, а живее и работи во Рим, досега изведе 17 автоматизирани операции на пациенти со обезност (дебелина)
Дебелината е глобална пандемија која погодува над 650 милиони возрасни (13% од светската популација). Како што се зголемува бројката, така растат и коморбидитетите предизвикани од неа.
Токму поради ова денес во светот секојдневно мануелно се прават операции со баријатрична ендоскопија. Постапката е следна: се влегува со гастроскоп во желудникот и тој се шие од внатре.
Д-р Иво Бошкоски е лидер за вакви операции. Тој е признат научник и клиничар во областа на гастроентерологијата во глобални рамки, а главно работи на билио-панкреатична ендоскопија. Бошкоски е доцент на Католичкиот универзитет во чии рамки функционира поликлиниката „Агостино Џемели“ во Рим. Поликлиниката е во сопственост на Ватикан, а во неа се лекува и Папата.
„Баријатричната ендоскопија е ендоскопија што се занимава со терапија на обезитет (дебелина). Баријатрична хирургија е хирургија со која се оперираат пациенти со обезитет и се прават рестриктивни операции. Јас се занимавам со баријатрична ендоскопија од 2013 година и сум лидер во ЕУ и САД, воедно и автор на многу научни трудови во областа“,
вели д-р Бошкоски.

Тој отиде и чекор понатаму – изведе операции за баријатрична ендоскопија со робот, како дел од мултицентрично клиничко испитување. Пациентите ги избрал мултидисциплинарен тим.
„Станува збор за старт-ап компанијa од Израел која го има измислено и направено роботот, а јас сум прв во светот што направил операции со него. Оперирани се вкупно 17 пациенти со дебелина. Роботот, практично, има вештачка интелигенција и доволно е само да се внесе во желудникот на пациентот и самиот потоа оперира под контрола на оператор. Само за споредба, другите машини што ги користиме за шиење (Overstich I Endminia) се мануелни и треба доста учење и пракса за да се стане експерт“,
појаснува д-р Бошкоски.
Овој роботски систем е дизајниран да создава повеќекратни надолжни прицврствувања на предниот и задниот дел на стомакот. Претходната верзија на системот била гломазна и со рачна контрола за шиење и спојување, додека тековната е целосно роботизирана со автоматско шиење и стегање, а со тоа и полесна за користење. Системот се состои од уред за еднократна употреба, кој ја контролира постапката. Вклучува управувачки сегмент кој го олеснува маневрирањето со уредот.
Рачката им овозможува на ендоскопистите да маневрираат и да го позиционираат уредот во саканата гастрична област и да го контролираат шиењето.

Системот овозможува да се создаде робусна, целосна дебелина од конци, за да се обезбедaт трајни и успешни модификации на гастрична празнина.

Првото искуство на овој робот, преку статија на д-р Бошкоски, е објавено во „Гут“ –водечко меѓународно списание за гастроентерологија и хепатологија, со висок импакт-фактор (32). Се смета дека стандардизирањето на ваквата процедура може дополнително да го подобри третманот на дебелината, со што се проширува пристапот и прифатливоста до поширока популација.
Првото искуство кај пациентите сугерира трајни резултати. Сепак, спектарот на можни компликации не е целосно познат, а податоците за ефективни резултати ќе бидат достапни на крајот од 12-месечниот период на следење на пациентите. Понатаму, потребни се систематски студии за да се дефинира потенцијалната позиција на овој нов уред во ендотерапијата за дебелина.
Инаку, доктор Иво Бошкоски, кој е родум од Тетово, на пошироката јавност во земјава ѝ стана познат во текот на пандемијата со ковид-19 кога даде стручен придонес за состојбите преку медиумски гостувања, како и преку контакт и совети за македонските здравствени власти.