Во меѓувреме, германскиот канцелар Олаф Шолц вели дека ЕУ нема да ги повлече санкциите кон Москва доколку Русија и Украина потпишат мировен договор по руски услови
Европската Унија денеска ќе ја разгледа можноста за заострување на санкциите кон Русија. Ова доаѓа по обвинувањата дека Москва ја искористила нуклеарната централа во Запорожје за складирање оружје и лансирање проектили кон околните региони во Украина.
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен истакна дека Москва мора да продолжи да плаќа висока цена за агресијата.
Шефовите на дипломатиите на ЕУ анализираат за забрана за купување злато од Русија, што би било во согласност со санкциите што веќе ѝ се воведени на Москва од членовите на Г7. Западните медиуми пишуваат дека се очекува Брисел денеска да одржи првични разговори за санкциите, но одлуката да биде донесена уште истиот ден.
Во меѓувреме, германскиот канцелар Олаф Шолц вели дека ЕУ нема да ги повлече санкциите кон Москва доколку Русија и Украина потпишат мировен договор по руски услови.
„Дел од новата реалност е дека и ЕУ се консолидираше. Таа реагираше прилично едногласно на руската агресија и воведе досега невидени остри казнени мерки. Од самиот почеток знаевме дека веројатно ќе треба да ги применуваме овие санкции долго време“,
напиша Шолц во својата статија за за германскиот дневен весник „Франкфуртер алгемајне цајтунг“.
Според германскиот канцелар, ниту една санкција нема да биде повлечена во случај на мир по диктат на Русија. Најави и дека ЕУ ќе ѝ помага на Украина сѐ додека ѝ е потребна поодршка, без разлика дали тоа е економска, хуманитарна, финансиска или преку испорака на оружје.