ДУИ бара пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ, Олга Лозановска, јавно да се извини, а ВМРО-ДПМНЕ да се огради од нејзиниот говор, откако таа денеска на собраниска расправа кажа дека вчера во Парламентот дошле да ги стерилизираат Македонците дома, алудирајќи на посетата на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.
„Демократската унија за интеграција го осудува навредливиот речник на пратеничката на ВМРО ДПМНЕ, Олга Лозановска која во својот скандалозен говор во Собранието ја спореди Европската унија со нацистичкиот режим, по посетата која ја реализираше претседателката на Европската комисија, г-ѓа Урсула Фон Дер Лајен во нашата земја. Употребата на една таква апсурдна реторика, инспирирана од деструктивната антизападна и проруска идеологија е неприфатлива и за неа нема место во нашето демократско општество.“,
се вели во реакцијата на ДУИ.
Партијата побара од ВМРО-ДПМНЕ да бара одговорност за зборовите на Лозановска.
“Апелираме до сите пратеници за зрелост, разумност, почитување на етичкиот кодекс на говор во домот на демократијата и пред се за почит кон поддршката што земјите на Европската Унија секогаш ја давале за демократскиот развој на нашата земја. Пратеничката Лозановска јавно да се извини, а ВМРО ДПМНЕ да се огради од говорот на пратеничката барајќи одговорност за зборовите кои што денес таа ги употреби.“,
велат од ДУИ.
Од партијата повторуваат дека францускиот предлог не го нарушува јазичниот, културниот и историскиот идентитет на македонските граѓани.