Во Собранието денеска продолжува 81 седницата, на чиј дневен ред единствена точка е владината Информација за содржината на Предлог-преговарачката рамка за пристапните преговори на Северна Македонија со Европската Унија, предложена од француското претседателство. Владата ја достави информацијата до Собранието за „разгледување и донесување дополнителни заклучоци“.
За збор се пријавени вкупно 42 пратеника. Седницата, исто како и вчера продолжува со скандирања и свирежи.
Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ не ги оставаат колегите од СДСМ мирно да одржат говор од собраниската говорница. Само што ќе почнат говорите на пратениците од владејачкото мнозинство, тие почнуваат да свират со вувузели. Опозицијата е на став дека Собранието непотребно се вмешува, оти Владата ја носи одлуката за прифаќање или не на модифицираниот француски предлог.
Вчера во воведно обраќање пред законодавниот дом, премиерот Димитар Ковачевски порача дека билатералните прашања не се дел од Преговарачката рамка со Брисел, дека таа е ослободена од ваков тип прашања и дека со европскиот предлог се дефинира одржување на првата Меѓувладина конференција веднаш.
Инаку, пратениците нема да гласаат „за“ или „против“ францускиот предлог, односно преговарачката рамка што ја предложи француското претседателство со ЕУ, туку за заклучоци со кои на Владата ѝ се дава насока и се задолжува за што може, а за што не може да преговара во процесот на интеграција во ЕУ.
Претставниците на владината коалиција до Собранието веќе доставија предлог-заклучоци. Со нив, владата се задолжува во процесот на преговори за членство во ЕУ доследно да се придржува кон определбата за безусловно почитување на јазичните, идентитетските, историските и културните особености на македонскиот народ како елементи за кои не се преговара со ЕУ.