Северна Македонија во НАТО е гарант на безбедноста и стабилноста не само на земјата, туку и на целиот регион
Министерката за одбрана Славјанка Петровска денеска се сретна со пензионираниот генерал на британската армија и член на „Охридската група“, сер Берни Вајт-Спунер, со кого разговараше за европската перспектива на регионот и за новата безбедносна реалност на европскиот континент.
Петровска порача дека имајќи ја предвид новата безбедносна реалност, европската интеграција е потребна повеќе од кога било и оти пример за тоа како интеграцијата во европските и евроатлантските структури влијае на зацврстување на безбедноста е членството на Северна Македонија во НАТО.
„Северна Македонија во НАТО е гарант на безбедноста и стабилноста не само на земјата, туку и на целиот регион. Интеграцијата во ЕУ ќе има силен позитивен ефект и на безбедноста, но и на просперитетот на сите наши граѓани“,
изјави министерката Петровска.
Како што соопштија од Министерството за одбрана, таа се заблагодарила за поддршката на сите истакнати членови на „Охридската група“ за сета досегашна поддршка на евроатлантскиот и европскиот интегративен пат на Северна Македонија.
Вајт-Спунер е дел од „Охридската група“ на истакнати државници и дипломати, предводена од Лордот Џорџ Робертсон. Групата е формирана во 2018-тата година, со цел поддршка на патот на нашата земја кон НАТО и Европската Унија.