„Изминатиов период видовме како Владата се поставуваше кон Собранието, кое го гледа како гласачка машинерија. Тие знаат дека имаат 61 пратеник и можат да го изгласаат предлогот. Сепак треба да знаат дека промена на Устав ВМРО-ДПМНЕ не поддржува, за тоа им требаат 80 пратеници и ние нема да поддржиме“, вели Ковачки
„Со ова што го планира власта, нити ќе почнат преговори, ниту ќе тече мед и млеко од утре, практично Македонија ќе остане заглавена вечно во овој процес“, изјави во настап на ТВ Алфа пратеникот од опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Драган Ковачки.
Според него, Владата се обидува да ја префрли одговорноста во Собранието каде се надева дека ќе се изгласа францускиот предлог, но посочи дека ВМРО-ДПМНЕ нема да поддржи промена на Уставот.
„Тоа што е доставено од Владата во Собрание е еден лист хартија што информативно го праќаат да се запознаеме. Владата се обидува да ја префрли одговорноста на Собранието и сака да го понижи Собранието на начин што е својствен. Изминатиов период видовме како Владата се поставуваше кон Собранието, кое го гледа како гласачка машинерија. Тие знаат дека имаат 61 пратеник и можат да го изгласаат предлогот. Сепак треба да знаат дека промена на Устав ВМРО-ДПМНЕ не поддржува, за тоа им требаат 80 пратеници и ние нема да поддржиме“,
рече Ковачки.
Тој потенцираше дека ставот на ВМРО-ДПМНЕ е „не“ за ултиматум, „не“ за бугаризација и „не“ за асимилација.
„За протоколот имавме можност да ја слушнеме бугарската министерка за надворешни работи, Генчовска, која кажа дека протоколите се усогласени и имале договор со Османи да не се излегува во јавност. Но гледаме дека протекоа тие протоколи. Во неколку наврати ние ги повикувавме да објаснат за што преговараат и ако се преговара за идентитет, историја и јазик, треба Собранието да биде запознаено во најмала рака. Членка на НАТО, која сака да биде дел од ЕУ, крие документи. Кога криете нешто, очигледно е дека има нешто што е надвор од дозволеното од тоа што може да се прифати“,
рече Ковачки.
Тој смета дека на протестите против францускиот предлог има енергија, искрена емоција и крик од кој власта се плаши и рече дека таа не очекувала такви реакции.
„Имаа изјави премиерот, министерот за внатрешни и министерот Маричиќ, зборуваа за некакви сценарија. Доколку имаат такви сознанија прво тие не се изнесуваат во јавност, затоа што ако има такво нешто треба да постапат службите, а таквите лица, да не се дозволи да направат нешто доколку навистина се дојдени и да бидат спречени. Второ, ако имате сознанија дека тие лица се тука и сте дозволиле тоа да го направат за што се дојдени, тогаш каде е постапката?“,
праша Ковачки.