Залутана топка со која си игра на плажа, која во морето долетала носена од ветрот му го спасила животот на 30-годишниот Македонец Иван. Тој се одржувал со неа на површината на Егејското море речиси 19 часа, кога беше пронајден и спасен.
Градоначалничката на Касандра, Анастасиа Халкиа Димитропулу, изјави дека е пресреќна што момчето беше пронајдено живо.

„Господ му подари голем подарок, му даде живот. Му посакувам да е жив и здрав, а следната моја желба е да се најде и третото момче. Сите помагаме во потрагата, сите волонтери од општина Касандра се таму, рибарите, се разбира, военото воздухопловство, крајбрежната служба, сите спасувачки тимови“,
објаснува Халкиа Димитропулу за МИА.
Таа информира дека Иван првично бил пренесен во здравствениот дом во Касандра, а оттаму е префрлен во болница во Солун, за да му се направат сите испитувања за да се осигура дека е се во ред.
„Се работи за силно, паметно, спортски градено момче. Во добра здравствена состојба е иако е дехидриран е и уморен, што е нормално“,
вели Халкиа Димитропулу за МИА.
Додава дека со спасувањето на Иван ѝ се вратила надежта дека може и третото момче да биде пронајдено живо.

Акција и потрагата на грчката крајбрежна служба, на грчкиот спасувачки тим и спасувачи волонтери продолжуваат за пронаоѓање на последниот од тројцата исчезнат, односно 28-годишен македонски државјанин.
Вчера попладне тројцата државјани на Северна Македонија влегле во морето на плажата Мити во Посиди на првиот крак на Халкидики, а поради лошото време се нашле во беспомошна ситуација и се оддалечиле од брегот.
Дел од присутните на плажата забележале дека капачите ги снемало и веднаш ја информирале крајбрежната служба, по што започна и акцијата.
Еден од тројцата пријатели, 25-годишниот вчера беше спасен по поминати околу два часа во вода, додека пак денеска, беше пронајден и 30-годишниот.
Со насмевка на лицето, смирен, опуштен и во добро расположение, спасениот денеска стапна на копно, а на пристаништето беше пречекан со аплауз од присутните, но и од голем број новинарски екипи кои од вчера детално го следат случајот со исчезнатите македонски туристи.
На еден од чамците на спасувачките екипи, додека траеше потрагата беа и братот и таткото на спасениот, кои од Северна Македонија пристигнале на Халкидики.