Социјалдемократите сметаат дека претседателот на ВМРО ДПМНЕ Христијан Мицкоски дава контрадикторни изјави и со години ги лаже своите сопартијци и граѓаните глумејќи лажен патриот. Од партијата објавија видео со изјави на Мицкоски, во кои, според нив, тој дава сосема спротивни изјави од ставовите кои сега ги застапува во односите кон Бугарија. Тие велат дека тој и ВМРО ДПМНЕ јавно прифатиле Бугарите да бидат застапени во Уставот, за денес тој да е прв противник на тоа.
„Мицкоски заедно со неговиот партнер проруската Левица имаат само една цел, да наштетат на државните позиции и евроинтеграцијата, одработувајќи за туѓи интереси. Тоа се фактите и тоа е вистината, се друго е лага и лицемерие на Мицкоски“,
сметаат во СДСМ.
Од ВМРО ДПМНЕ укажуваат дека нивниот претседател Мицкоски бара цврсти гаранции од Софија за македонскиот идентитет и јазик и тврдат дека во монтираното видео на СДСМ јасно се гледа и слуша како претседателот Мицкоски кажува дека промени во Устав се можни само со цврсти гаранции од Софија.
„Нив сега ги немаме. Туку имаме негирање на македонскиот јазик и идентитет. СДСМ сакаат само да отидат да се сликаат исто како што се сликаа во авионот пред 5 години кога велеа дека датумот е добиен. СДСМ го лажат народот и на мала врата сакаат да протуркаат нешто кое е спротивно со македонските национални интереси ВМРО-ДПМНЕ нема да дозволи и поддржи предлог кој е на штета на Македонија“,
велат од партијата.