Русија тврди дека САД испраќаат ново оружје, вклучувајќи и и ракетни системи ХИМАРС (високо мобилно артилериско ракетно оружје) во Украина зашто имаат намера да го продолжат конфликтот.
Ова се наведува во соопштението од Амбасадата на Руската Федерација во Вашингтон.
„Зад оваа одлука стои нескротливата желба на Вашингтон да го продолжи конфликтот по секоја цена и да ги компензира растечките загуби на националните баталјони и на украинските вооружени сили. Властите во Киев и националистичките формации користат оружје од САД за уништување градови во Донбас … Целта на Руската Федерација е да стави крај на теророт на режимот во Киев. Со своите постапки Вашингтон не го приближува мирот, туку ги турка украинските власти во нови крвави злосторства“,
пишува во соопштението.

Руската амбасада вели дека „тезата на високи американски претставници дека Украина оружјето го користи за одбранбени цели е неодржлива“.

Американскиот претседател Џо Бајден вчера одобри нов пакет воена помош за Украина во висина од 400 милиони долари. Новиот пакет покрај четирите ракетни системи ХИМАРС, вклучува и муниција за артилерија од 155 милиметри, три тактички возила, радарски системи, резервни делови и друга опрема.