Во рамките на британската Конзервативна партија започна трката за наследник на Борис Џонсон, кој вчера се повлече од функцијата премиер и шеф на партијата
Том Тугендат е последниот во низата можни наследници, а интерес покажале и државната обвинителка Суела Браверман и конзервативниот пратеник Стив Бејкер, пренесува Би-би-си.
Борис Џонсон ќе остане премиер додека не се избере нов партиски лидер.
Многу опозиционери, како и некои конзервативни функционери, се залагаат за итно заминување на Џонсон. Новиот секретар за образование Џејмс Клеверли изјави дека не се согласува Борис Џонсон веднаш да си замине од функцијата и вели дека на Велика Британија не ѝ треба привремен премиер.
Сепак, некои конзервативци, како што е поранешниот премиер Џон Мејџор, велат дека не би било паметно Џонсон да остане на функцијата додека не се избере нов премиер.
Лабуристите, кои се во опозиција, исто така најавија дека ќе се обидат веднаш да го сменат Џонсон преку гласање доверба во Парламентот, но за тоа ќе им треба значителна поддршка од конзервативните пратеници.
Трката за нов лидер на Конзервативната партија треба да започне следната недела, а новиот премиер се очекува да ја преземе функцијата во септември. Но, неофицијално, трката веќе започна.
Пратеникот и претседател на парламентарната Комисија за надворешни работи Том Тугендат ја започна својата кандидатура со авторски текст во „Дејли телеграф“, кога вети намалување на даноците и „нова енергија и идеи“ за идната влада.
„Јас сум ѝ служел на оваа земја порано, еднаш во војска, сега во Парламентот. Се надевам дека повторно ќе добијам можност да го направам тоа, овој пат како премиер“,
изјави Тугендат, кој е познат како гласен критичар на Џонсон.
Својата кандидатура ја потврди и државната обвинителка Суела Браверман, додека пратеникот Стив Бејкер рече дека сериозно размислува да се кандидира затоа што, како што рече, луѓето го барале тоа од него.
Како потенцијални наследници се споменуваат и поранешниот министер за здравство Саид Џавид и министерот за транспорт Грант Шапс.
Се споменуваат и имињата на британската министерка за надворешни работи Лиз Трас, поранешниот министер за финансии Риши Сунак и поранешниот министер за надворешни работи Џереми Хант.