Од обвинителството сè уште не откриле детали за спогодбата, но според порталот СДК.мк, ексшефот на УБК се договорил на три години затвор и конфискација на 36 милиони евра
Поранешниот шеф на УБК, Сашо Мијалков, ќе биде третиот осомничен што ќе постигне спогодба во случајот „Империја“, по бизнисмените Орце Камчев и Ненад Јосифовиќ.
Од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција засега не објавуваат детали за спогодбата, но шефицата Вилма Русковска, пак, за државната агенција МИА потврди дека спогодбата со Мијалков е во тек.
Детали во врска со истата, како што вели, обвинителството ќе објави наскоро.
Порталот СДК.мк, пак, објави дека Мијалков како осомничен за делото перење пари се спогодил на тригодишна затворска казна и конфискација на 36 милиони евра – 30 милиони како недвижен имот, а шест милиони во готовина.
Бизнисмените Орце Камчев и Ненад Јосифовиќ, пак, своите спогодби во „Империја“ ги постигнаа кон крајот на април. Според тоа што официјално беше објавено од обвинителството, тие постигнаа спогодби за кривични дела до 2009 година – Камчев за злоупотреба на службената положба и овластување, а Јосифовиќ за перење пари и други приноси од казниво дело. Двајцата се договорија на затворски казни од по една година, а од компанијата на Камчев беа уплатени и 5,2 милиони евра во државниот буџет.