Покрај Кока, во осумдневен притвор одат – 18 годишен демонстрант кој фрлил молотов коктел врз Собранието на 5 јули и 22 годишен демонстрант кој со камења и запалки фрлал кон законодавниот дом и полицискиот кордон, при што повредил полицаец (на 6 јули)
Човекот кој пукаше во воздух кај Скендербег за време на протесниот марш на противниците на францускиот предлог, е еден од трите лица на кои Кривичен суд им изрече мерка притвор од осум дена. Останатите двајца се демонстранти кои предизвикале инциденти пред Собранието на 5 и 6 јули.
Цуфи Кока се товари за кривичното дело предизвикување општа опасност. Пред судија на претходна постапка тој и останатите двајца демонстранти се произнеле во присуство на бранител.
„Судот смета дека се исполнети условите од член 470 ст.1 т.1 и 2 односно постои опасност од бегство и можност осомничените да го повторат кривичното дело. Против овие неправосилни решенија странките имаат право на жалба пред Кривичниот совет на овој суд“,
соопшти Основен кривичен суд Скопје.
Обвинителството го гони Кока, оти, според официјалното соопштение оттаму, на 6 јули, на платото пред плоштадот „Скендербег“, со пиштол марка Волтер модел Р 99 со калибар 9х19 мм, кој го поседувал со дозвола, предизвикал значителна опасност за животот или телото на луѓето. За време на движењето на група граѓани кои учествувале на јавен собир, тој забележал како дел од граѓаните фрлаат камења, по што се упатил кон нив и во два наврати испукал по два куршума во воздух.
Неговата фотографија прв ја објави лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски и тврдеше дека тоа лице вечерта требало да го убие него.

Цуфи Кока е член на Алијанса на Албанците. Вчера, потпретседателот на партијата Арбен Таравари за ТВ 24 кажа дека не оправдува носење оружје, но посочи оти ден претходно демонстрантите го демолирале хотелот на Кока, кој се наоѓа во непосредна близина на плоштадот.
„Ако ги видите ексклузивните видеа, не е дека не протестираат таму, хотелот една вечер претходно е демолиран од демонстрантите и тоа е пријавено во полицијата. Зошто баш овој хотел не ми е јасно. И вчера одредени луѓе одеа таму по вторпат да провоцираат. Јас не оправдувам оружје, меѓутоа, па и дома кај вас да дојде некој вандалски да се однесува, јас мислам сите сме луѓе и сите би реагирале“,
кажа вчера Таравари и прокоментира дека парадоксално е што Мицкоски тврдел дека Кока сакал него да го убие.
По инцидентот со пиштолот на 6 јули, градоначалничка на Скопје Данела Арсовска веднаш го разреши в.д. директорот на Комунална хигиена Зуди Енузи, кој е брат на Цуфи Кока. По ова, Алијанса за Албанците вчера ја прекина соработката со ВМРО-ДПМНЕ.
Покрај Кока, осум дена во притвор одат – 18 годишен демонстрант кој фрлил молотов коктел врз Собранието на 5 јули и 22 годишен демонстрант кој со камења и запалки фрлал кон законодавниот дом и полицискиот кордон, при што повредил полицаец (на 6 јули). Тие се товарат за учество во толпа што ќе изврши кривично дело.