Мицкоски не е никаква жртва туку режисер на крваво сценарио кое не му успеа заедно со неговите коалициски партнери Левица и Алијанса, велат од СДСМ. Портпаролот на СДСМ, Дарко Каевски обвини дека лидерот на ВМРО-ДПМНЕ вечерва глумел дека е мета, а всушност ја одиграл најлошата улога за државата и за граѓаните, со лажни обвинувања дека некој се обидел да го убие.
„Ова е човекот за којшто Мицкоски според нивното крваво сценарио требаше да глуми негов напаѓач. Цуфи Кока. Погледнете за кого станува збор, веќе МВР го приведе ова лице. Овој човек е брат на висок член на коалицискиот партнер на Христијан Мицкоски, Алијанса, којшто воедно е директорот на Јавното претпријатие Комунална Хигиена Скопје. Повторувам, станува збор за братот на претседателот на огранокот на Алијанса во Чаир и главен фунцкионер во кампањата на Данела Арсовска“
рече Каевски.
Според Каевски, ВМРО-ДПМНЕ се обидува да ја дестабилизира државата и да креираат лажни меѓуетнички тензии.
„Спремни се да жртвуваат луѓе за своите политички цели, спремни се да ја запалат цела држава. Е тоа нема да го дозволиме. Не се во прашање никакви меѓуетнички тензии туку политичко крваво сценарио кое веќе го имаме гледано. Граѓаните никако да не подлегнувааат, апелираме на смиреност ,а институциите да си ја завршат работата и сите инволвирани да одговараат пред законот“
додаде Каевски.