Извршниот одбор на владејачката СДСМ попладнево одржал седница на која единствена точка на дневен ред бил т.н. француски предлог за надминување на спорот со Бугарија и почеток на преговори со ЕУ. Од партијата велат дека, врз основа на сите анализи донеле повеќе заклучоци. Ги пренесуваме интегрално:

1. Предлогот е добра основа и Извршниот одбор целосно ја поддржува Владата да го продолжи процесот на консултации за носење на конечна државна одлука. Во овие моменти е потребно државничко однесување, мудрост и одговорност водејќи грижа за иднината на државата, на сите наши граѓани.
2. Во предлогот, којшто го сметаме дека е европскиот предлог, недвосмислено имаме прифаќање на Македонски јазик во ЕУ, што значи затворање на сите идентитетски прашања.
3. Извршниот одбор на СДСМ констатира дека затворање на идентитетските прашања е најважно и сега е кристално јасно: македонскиот јазик е апсолутно чист и еднаков со другите јазици на Европската Унија. Ова е клучна позиција, државна и национална којашто со овој предлог е обезбедена.
4. Воедно, предлогот ги става билатералните, историски прашања надвор од преговарачката рамка.
5. Исто така овој предлог е во целосна согласност со Резолуцијата во Собранието за државните позиции.
6. Ова покажува дека Владата, премиерот и надлежните институции одговорно постапувале и ги застапувале државните и национални интереси.
7. По завршување на процесот на широки консултации, процесот да продолжи во Собранието.
8. СДСМ уште еднаш ја реафримираше својата позиција за преземање на сите активности, за заштита на националниот, јазичен и историски идентитет на македонскиот народ и неговата посебност како наша врвна вредност и заложба.
Од партијата велат дека членството во ЕУ е исторски важно и стратешко прашање и дека земјата има единствена можност да ја исполни таа стратешка цел.