Муса Џафери, поранешен функционер на ДУИ, е уште сведок кој денеска се појави на судското рочиште за предметот „Монструм“. Во периодот на петкратното убиство кај Смилковско Езеро во април 2012 тој беше вицепремиер во владата на ДУИ и ВМРО-ДПМНЕ.

Врз основа на „бомбите“, обвинителот Гаврил Бубевски праша дали разговарал со Сашо Мијалков.
„Има големи шанси да сум комуницирал со него. Веројатно за да се информирам во врска со настанот и бев свесен на каква функција е тогаш господинот Мијалков“,
рече Џафери.
Понатаму, обвинителот го потсети на разговор што го имал со Блерим Беџети во кој зборуваат за случајот и за еден од обвинетите, Хаки Азири.
„Тогаш имаше многу нејаснотии во врска со тоа како се водат постапките, тоа цело време го зборувавме бидејќи бевме загрижени, и како политички субјект и како функционери. Ни беше важно како да се менаџира ситуацијата за да нема меѓуверски тензии. Мојата загриженост беше во поглед на тоа да се знае судбината на лицата што беа притворени во тоа време“,
рече тогашниот вицепремиер откако Бубевски му прочита транскрипт од разговорот.
Во врска со разговор со Али Ахмети, каде што се споменува праќање стројници, сведокот Муса Џафери зборуваше дека не се среќавал со роднини на обвинетите.
„Колку што се сеќавам, немав комуникација со роднините. Кога зборуваме за стројници, мислам на сопартијците и колегите кои беа во Владата. Сакам да ме разберете убаво. Кон нашите сопартијци од ДУИ можело да имало некои емисари од кои сум разбрал нешто“,
рече Џафери.
Тој во краткото сведочење рече дека познава само еден од обвинетите, Фејзи Азири, бидејќи бил партиски активист на ДУИ, но ништо повеќе не сподели, посочувајќи дека било одамна и не може да се сети на некоја конкретна партиска активност во која учествувал.