Денес почна транспортот на опасниот линдан од малата депонија од ОХИС. Од Министерството за животна средина и просторно планирање велат дека по добиеното одобрение од солунското пристаниште за прием на првата испорака на отпадот, на 23 минатиот месец е почнат утоварот на бурињата со чист HCH во контејнери кои се соодветно запечатени и обележани според меѓународната регулатива за прекуграничен транспорт на опасен отпад по Базелска Конвенција.

„Вкупно 477,1 тони отпад од HCH ископани и спакувани во 1.936 буриња и натоварени во седум контејнери и 126,37 тони HCH загадена почва ископана и соодветно спакувана, со товарни возила ќе бидат транспортирани до Солунското пристаниште во Грција од каде со брод HCH отпадот ќе биде транспортиран за Франција, а контамираната почва за АТМ Холандија“,
велат од Министерството за животна средина.

Со тоа, додаваат оттаму комплетно завршуваат договорните активности со УНИДО, а по извршеното примопредавање на 03.06.2022 година за продолжување на ископот одговорноста ја презема UNOPS со користење на средства од Повеќепартнерскиот фонд за животна средина специјално формиран за чистење на контаминацијата во кругот на ОХИС.
„Во меѓувреме се продолжи со ископ на останатиот материјал од малата депонија која е поделена во уште четири лота. Во тек е ископот на вториот лот за чиј надзор е одговорна компанијата HPC во соработка со локалниот партнер Екомозаик“,
додаваат од МЖСПП.