Клучно за нас во овој предлог е дека се вградени нашите ставови и забелешки, имаме чист македонски јазик во ЕУ, македонскиот идентитет е заштитен целосно, историските прашања не се дел од преговарачкиот процес, велат од СДСМ. На денешната прес-конференција, портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска рече дека потонати се во вода сите измислици и лаги за наводна бугаризација и асимилација.
„Таква работа ниту имало ниту ќе има. И не може да има со чист македонски јазик во ЕУ. Кога се во прашање теми од врвен национален и државен интерес, како што е евроинтеграцискиот пат на државата, иднината на граѓаните и заштитата на македонскиот идентитет, потребна е одговорност, зрелост и државнички капацитет. Тоа Мицкоски ниту го имал ниту ќе го има. Мицкоски сака отворениот процес на широки консултации да го попречи на самиот почеток, преку протести“
изјави Кузеска.
Кузеска го обвини лидерот на ВМРО-ПДМНЕ, Христијан Мицкоски дека со месеци барал предлозите да се консултираат со него и опозицијата, а сега кога ја има можноста тој од тоа бега. Според неа, опозицискиот лидер предизвикува штета врз државните интереси и позиции.
„Заедничкото делување со проруската инсталација Левица покажува дека ова е делување на анти НАТО и анти ЕУ коалиција. Деструктивното однесување на Христијан Мицкоски во однос на евроинтеграциите и прашањето со Бугарија се коси со секоја логика“
рече Кузеска.