Партијата Преродба ќе бара поништување на одлуката на бугарското Народно собрание со која владата доби мандат да го поддржи францускиот предлог за С Македонија и укинување на ветото за почнување преговори за членство во Европската Унија, пренесува Бугарското национално радио.
Ова во име на пратеничката група го истакна лидерот на партијата, Костадин Костадинов.
Тој инсистираше Министерството за надворешни работи да ги информира народните претставници за новата одлука на францускиот претседател Емануел Макрон.
Костадинов се осврна на вчерашните изјави на македонскиот премиер, Димитар Ковачевски, кој рече дека историските прашања нема да бидат дел од преговарачката рамка меѓу ЕУ и Македонија.
„Со оглед на ова, ќе инсистираме бугарската страна да не го потпише протоколот бидејќи сè уште имаме можност во 12 часот да не извршиме национално предавство додека не се разјаснат апсолутно сите околности околу документот што го ревидирал Макрон“,
рече Костадинов.
Вчера на прес-конференција во Владата премиерот Ковачевски во однос на историјата рече дека таа нема да биде дел од преговарачката рамка, што беше една од главните забелешки.
„Едно од нашите барања беше дека историските прашања не може да бидат дел од преговарачката рамка и тоа е содржано во овој предлог-документ“,
кажа Ковачевски.
За потсетување, политичката партија Преродба не го поддржа ниту првичниот француски предлог кој, како што рекоа од партијата, „претставува предавство на бугарските национални интереси“.