Според претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, денеска пристигнатиот француски предлог не е ништо друго освен неколку семантички измени во првичниот предлог, кој беше неприфатлив и за опозицијата и за Владата
Првиот човек на ВМРО-ДПМНЕ предупреди дека се подготвува или асимилација или засекогаш затворени врати на ЕУ
Новиот француски предлог е неприфатлив за ВМРО-ДПМНЕ, изјави вечерва претседателот на партијата Христијан Мицкоски, ако се точни инормациите за документот што тие го имаат. Тоа, во кратки црти, е првичната реакција од најголемата опозициска партија откако француското претседателство со ЕУ денеска испрати предлог за надминување на разликите меѓу Скопје и Софија, а кој би требало да ги отвори вратите за старт на преговори на Северна Македонија со ЕУ.
Својот и ставот на партијата Мицкоски го соопшти по седницата на Извршниот комитет, која била закажана за друа тема. Неколкупати повтори дека тие не го виделе предлогот, но дека информациите со кои располагаат се дека ништо битно не е сменето во споредба со претходниот неприфатлив предлог.

„Она што најмалку требаше да го направи Ковачевски оваа вечер е да го објави предлогот на веб-страницата на Владата на Република Македонија. Доколку таму го видиме предлогот, тогаш можеме сите ние кои сме овде собрани и сите кои не се овде собрани да го дадат своето мислење, бидејќи велат дека ќе има широка дебата. Најмалку што требаше да направи Владата е тоа. А имам информации дека дури ни на седницата на Владата не бил поделен предлогот на министрите односно на членовите на кабинетот на Ковачевски“,
рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ во своето излагање.
Според информациите со кои располагаат од ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски тврди дека овој француски предлог е ништо друго освен два модифицирани збора, различни од предлогот што циркулираше изминатиот период во јавноста и беше претставен како последен француски предлог.
Ако имавме нокаут на македонската дипломатија, рече Мицкоски, сега имаме нокаут со продолжено дејство.
Ова, како што додаде тој, го темели на три индиции.
„Првата индиција е тоа што овој таканаречен модифициран француски предлог беше прифатен од Петков и од Радев. Во државата (Бугарија) нема функционална влада, во државата има речиси распуштен парламент и изгласани црвени линии кои се асимилаторски за македонскиот идентитет. За моменталниот мандатар и актуелниот претседател истиот овој модифициран француски предлог претставува одлично решение и веднаш го прифаќаат. Ако е тоа така, што е тогаш различно за нашиот државен врв за истиот тој предлог веднаш да го одбие како тоа што го направи во Брисел“,
истакна лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.
Потоа, Мицкоски се запраша од каде албанскиот премиер Еди Рама знае оти овој предлог е прифатлив за Македонија и за македонскиот народ, за чијшто, како што кажа, идентитет станува збор.
„Се чудам од каде знае Еди Рама дека овој предлог е прифатлив за Македонија и за македонскиот народ за којшто преговара Бујар Османи, а македонскиот народ и најголемата партија во државата ВМРО-ДПМНЕ со најголема пратеничка група, со најголем број градоначалници и најголем број советници во Македонија не е запознаена. Од каде Еди Рама ја има таа информација, а ние заедно со речиси сите граѓани во Македонија ја немаме“,
запраша Мицкоски.
Како трета причина зошто смета дека францускиот предлог е нокаут со одложено дејство, е тоа што, како што рече, Владата на СДСМ и ДУИ има слаб карактер и традиција на предавство. Затоа, додаде, наместо со предлогот прво да ја запознае јавноста и опозицијата, па потоа да се произнесе за сите аспекти од договорот, таа го крие договорот.
Мицкоски напомена дека ВМРО-ДПМНЕ нема никогаш по ниту една цена и диктат да прифати решение штетно за народот и иднината на македонскиот народ и за иднината на Македонија и наведе оти црвените линии за партијата се македонски јазик без условувања и без фусноти.
„Црвените линии на ВМРО-ДПМНЕ се дека нема да прифатиме ниту во преговарачката рамка, ниту во било кој документ на ЕУ, македонскиот јазик да биде ништо друго освен македонски јазик, без никаква фуснота, без никакви унилателарни изјави, без никакви дополнувања, одземања или наддавања. Македонски јазик без условувања и без фусноти. Сето останато вклучително и некакви си протоколи, вклучително и Договор за добрососедство не може никако да биде дел од преговарачката рамка“,
рече Мицкоски.
Одговарајќи на новинарските прашања, Мицкоски го окфалификува процесот и како подготовка за асимилација. Односно дека земјава ќе биде ставена пред свршен чин – или асимилација или никогаш да не бидеме дел од ЕУ.

„Го предупредувам секој граѓанин во Македонија, секој оној што му значи нешто македонскиот идентитет, без разлика дали е Македонец или не, да биде буден. Затоа што се подготвува асимилација – или еден ден членка на ЕУ и комплетна асимилација или никогаш нема да бидеме дел од ЕУ. Ете тоа ни се подготвува со одбивањето. Знам дека притисокот ќе биде голем и немам јас проблем со тоа. На народот треба да му биде јасно дека ова се историски моменти и дека нема време ниту за одмор, нема моменти ниту за да седиме дома. Сега е моментот кога треба да бидеме будни и да следиме. Сега се одлучувачките моменти. Подобро сега да кажеме вистински громогласно ‘не’ и да се избориме за нешто достоинствено за неколку години од денес, отколку денес да кажеме ‘да’ и да капитулираме дипломатски и наредните 50 години никогаш да не можеме да стигнеме до крајната цел, а тоа е членство во ЕУ“,
изјави Мицкоски.