Денеска на седницата на Комисијата за европски прашања уште еднаш се докажа дека ВМРО- ДПМНЕ и другите опозициски партии употребуваат насилство за да ја блокираат работата на Комисијата и тоа токму пратеници кои се под истрага поттикнаа инцидент и ја прекинаа седницата, велат од ДУИ
Демократската Унија за Интеграција најостро го осудува насилството што денеска на седницата на Комисијата за европски прашања во Собранието го извршија пратениците на ВМРО ДПМНЕ заедно со пратениците на Алијансата за Албанците.
„Секогаш кога тема на расправа и на дневен ред во Собранието е воспоставувањето правда во државата, ВМРО-ДПМНЕ и Алијансата за Албанците провоцираат вербално и физичко насилство со цел да го заштитат криминалот и секогаш се појавуваат против правилното функционирање на правосудниот систем. Денеска на седницата на Комисијата за европски прашања уште еднаш се докажа дека ВМРО- ДПМНЕ и другите опозициски партии употребуваат насилство за да ја блокираат работата на Комисијата и тоа токму пратеници кои се под истрага поттикнаа инцидент и ја прекинаа седницата“,
се вели во соопштението.
Од ДУИ истакнуваат дека Собранието ќе продолжи да функционира во прозападен евроамерикански дух и ќе ја поддржи реализацијата на реформската агенда во партнерство со Соединетите Американски Држави и Европската Унија.
Во меѓувреме, министерот за економија, Крешник Бектеши, преку објава на Фејсбук му се обрати на пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Антонијо Милошоски во врска со инцидентот.

„’Политичар’ каков што е Антониjо Милошoски, кој ништо, ама баш ништо нема придонесено за оваа држава, освен поделби, национализам и омраза, ниту пак ѝ дал на Македонија нешто вредно што треба да се памети, единствено по што ќе остане запаметен во времето е кога за него Албанците не требаше да имаат образование, уште помалку високо образование. Антонијо, твоето време одамна помина, за личност каква што си ти во држава која е членка на НАТО воопшто не би требало да има место на политичката сцена“,
напиша Бектеши.
Конфликтот на денешната седница, како што може да се види од видеата што се појавија, ескалира откако претседателот на Комисијата, Арбер Адеми, се обиде да ја затвори расправата за дневниот ред на денешната седница на чиј дневен ред се ставени на законот со кои на судиите кои наскоро треба да се пензионираат треба да им се продолжи работниот век до изборот на нови на чие донесување се противат ВМРО-ДПМНЕ и Алијанса на Албанците.
ВМРО-ДПМНЕ претходно ги обвини СДСМ И ДУИ дека денеска во Собранието демонстрирале сила и предизвикале инцидент за, како што велат, да се дефокусира јавноста од она што тајно денес го реализираат.