Поранешниот министер за образование на ДУИ и СДСМ необразовано физички се пресметува со колеги пратеници, демонстрира насилие, реагира опозициската партија
Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ, по целодневното кршење на Деловникот му се нафрлија и го нападнаа претседателот Адеми, со пцости, вулгарности и физички контакт, напиша на Фејсбук пратеничката од СДСМ Санела Шкриељ
Расправата во Комисијата за европски прашања по предлог-измените на законот со кои на судиите кои наскоро треба да се пензионираат треба да им се продолжи работниот век до изборот на нови ескалираше во кавга и на раб на физичка пресметка меѓу пратениците од власта и нивните колеги од ВМРО-ДПМНЕ и Алијанса на Албанците кои сакаа да спречат да се гласа.
Министерството за труд предлага продолжување на нивниот работен век до навршувањето 67 години со што би се продолжил работниот ангажман на 60 судии и 13 обвинители кои се на чекор до пензија.
До инцидентот дојде кога пратениците од ВМРО-ДПМНЕ противејќи се на законските измени, го заобиколија пултот на Адеми кој раководи со седницата. До тоа, пак, дојде откако и по два часа процедурални приговори, Адеми реши да го стави дневниот ред на гласање.
ВМРО-ДПМНЕ го обвини пратеникот Арбер Адеми од ДУИ за насилничко однесување и навреди во Собранието.
Од партијата објавија и видео од седницата на Комисијата за европски прашања, чиј претседател е Адеми.
„Поранешниот министер за образование на ДУИ и СДСМ необразовано физички се пресметува со колеги пратеници, демонстрира насилие. Вака се однесува претседателот на КЕП! Понижување, насилство и навреди во Собрание! Македонија наместо Европа стана див запад со ’каубоите‘ од власта!“,
реагираат од ВМРО-ДПМНЕ.
Видеото на опозициската партија на социјалните мрежи го објави пратеникот Миле Лефков.
На ова реагираше пратеничката од СДСМ Санела Шкриељ.
„Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ, по целодневното кршење на Деловникот му се нафрлија и го нападнаа претседателот Адеми, со пцости, вулгарности и физички контакт. Злото има име и презиме и лице, а за жал тоа се дел од луѓето од опозицијата кои не заслужуваат веќе да ги нарекувам колеги!“,
напишаа Шкриељ на својот профил.