„Доколку добиеме предлог, ќе бидат консултирани институциите и ќе донесеме решение. Апсолутно нема да се водиме од хибридни напади, од разочарани политичари кои сметаат дека можат да вратат кариера на бранот на јавното расположение“, вели шефот на дипломатијата во „360 степени“ на ТВ Алсат
Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, вечерва во „360 степени“ на ТВ Алсат, рече дека се надева оти корекциите што во последен момент ги усвои бугарскиот парламент во одлуката за прифаќање на францускиот предлог „даваат основа за да има разбирање за нашите позиции во процесот“.

Секако дека и бугарските позиции се земени предвид во дефинирање на овој пакет, бидејќи за да даде согласност Бугарија сакаше да ги види и своите позици, рече Османи.
Каква корекција направи бугарското Народно собрание
Како што веќе јави „360 степени“, денеска на седницата на бугарскиот парламент во последен момент беше интервенирано во една од одредбите на предлогот поднесен од лидерот на Демократска Бугарија, Христо Иванов, која се однесува на споменувањето на Договорот од 2017 година и протоколите што произлегуваат од него во Преговарачката рамка.
Во предлогот што вчера помина на Комисијата за надворешна политика, конкретната одредба, која е меѓу условите под кои Народното собрание ѝ дава мандат на владата да го одобри францускиот предлог, гласеше:
– вклучување референца за двостраните протоколи според член 12 од Договорот за пријателство, добрососедство и соработка во Преговарачката рамка.
Со корекцијата што беше направена денеска на пленарната седница, оваа одредбата беше преформулирана на следниот начин:
– впишување референца за Договорот за пријателство, добрососедство и соработка од 2017 година и протоколите од заседанијата на заедничката комисија по член 12 од тој договор во Преговарачката рамка, во врска со одобрувањето од Советот на ЕУ на заедничките позиции за меѓувладините конференции ЕУ-Република Северна Македонија.
Корекцијата во оваа одредба коинцидира со фејсбук-објавата од изутринава на министерот за надворешни работи на Северна Македонија, Бујар Османи, во која порача:
„Два збора стојат помеѓу успехот и неуспехот на Европската унија во регионот. Зборот ‘протокол’ во рамката, како парадигма на историските прашања, и зборот ‘отворање’ во параграф шест од заклучоците на советот. И двата збора не се во францускиот предлог како финални решенија туку се ставени (дел од нив и во заграда) како прашања за кои не може да се постигне согласност поради позицијата на Република Бугарија. Усвојувањето денес на резолуцијата во бугарскиот парламент, во која се потенцираат токму овие две прашања, ќе го блокира долгорочно европскиот процес и, воедно, ќе ги парализира инструментите од договорот за пријателство на долг рок“,
напиша Османи.
„Ако има финален предлог, ќе ги консултираме институциите“
На прашањето во емисијата „360 степени“ кога се очекува финален француски предлог, Османи рече дека француското претседателство истекува за неколку дена и дека владата е отворена да ја разгледа таа верзија доколку пристигне.
„Француското претседателство е до 30 јуни, тоа значи дека во наредните денови, доколку тие се решат за нов предлог, согласно овие ставови на двете страни кои беа и јавно објавени, ние сме отворени да го процениме. Доколку добиеме предлог, ќе бидат консултирани институциите и ќе донесеме решение. Апсолутно нема да се водиме од хибридни напади, од разочарани политичари кои сметаат дека можат да вратат кариера на бранот на јавното расположение. Ние сме избрани да водиме и ќе водиме доколку сме убедени дека тоа е политика која води напред за граѓаните и државата“,
порача Османи.