Тој понатаму наведува неколу елементи кои треба да ги содржи предлогот за да биде прифатлив за нас
Премиерот Димитар Ковачевски пред малку на својот Фејсбук профил повторно кажа дека Владата формално нема добиено предлог кој е усогласен на ниво на сите 27 земји членки.
„Каков и да биде конечниот усогласен текст на францускиот предлог, посочувам дека, за истиот да биде прифатлив за нас, клучни се следниве елементи:
-Чиста формулација за македонскиот јазик во преговарачката рамка и јасна заштита на македонскиот идентитет;
-Историските прашања не можат да бидат критериуми во преговарачката рамка;
-Преговорите помеѓу Северна Македонија и ЕУ мора да почнат пред отпочнувањето на постапката за уставните измени за вклучување на Бугарите, Хрватите и Црногорците во преамбулата на Уставот;
-Цврсти гаранции и од Бугарија и од Европската Унија дека Бугарија нема да условува со нови барања, надвор од она што ќе биде договорено во преговарачката рамка и билатералниот протокол кој сѐ уште не е усогласен со Бугарија;
-Секое решение ќе треба да е консултирано со институциите на Република Северна Македонија“.
напиша Ковачевски, одговарајќи, на како што вели, јавната дискусија околу францускиот предлог.

Ковачевски, неговиот албански колега Еди Рама и претседателот на Србија, Александар Вучиќ, ќе одат во Брисел и ќе учествуваат на Самитот Европска Унија-Западен Балкан.
„Северна Македонија има докажани пријатели во земјите членки на ЕУ. Тие се оние земји кои гледаат кон иднината, наспроти минатото и од кои ние, Албанија, но и регионот имаме целосна поддршка во исполнувањето на стратешката цел – членство во ЕУ. Доколку не се обезбеди прогрес на процесот на евроинтеграции, тоа ќе биде сериозен проблем и удар врз кредибилитетот на ЕУ на Балканот“,
напиша Ковачевски во претходниот пост на Фејсбук.