Пред почетокот на министерскиот состанок на земјите членки на НАТО, министерката за одбрана Славјанка Петровска кажа дека инвестирањето во одбраната и безбедноста на национално ниво е оправдано, затоа што одбраната е нешто што на сите ни е потребно и бара долгорочно планирање и инвестирање, но, како што кажа, засега Северна Македонија не планира зголемување на буџетската стапка над планираните два отсто

Буџетот за одбрана во контекст на војната во Украина е една од темите која ќе се најде на денешната седница на НАТО-состанокот на министрите за одбрана на Алијансата, на кој, меѓу другото, учествува и министерката за одбрана на земјава, Славјанка Петровска.
Пред почетокот на министерскиот состанок, Петровска за МИА изјави дека засега Северна Македонија не планира зголемување на буџетската стапка над планираните два отсто, но оти дебатата е оправдана.
Неколку земји членки на Алијансата, главно на истокот на Европа, би сакале земјите да издвојат повеќе од два отсто од бруто домашниот производ за одбранбени цели поради војната во Украина, но отпорот е голем, посебно во западноевропските земји. Стапката од два отсто од БДП за воени цели сѐ уште не е постигната во огромното мнозинство членки на Алијансата. Но сепак, потврди министерката, темата се дискутира во НАТО.
„Со оглед на зголемувањето на безбедносните ризици, меѓутоа и притисоците што ги има воената индустрија, да, зголемувањето, или инвестирањето во одбраната и безбедноста на национално ниво и како земји членки е оправдано, затоа што одбраната е нешто што на сите ни е потребно и бара долгорочно планирање и инвестирање“,
вели Петровска за МИА.
Сепак, како што кажа, за Северна Македонија конкретно планот засега останува да се постигне стапката од два отсто до 2024 година.
„Да, таа дискусија е отворена и ќе се согласиме сите ние дека е оправдана, особено во новиот контекст во кој се наоѓаме, и побарува зајакнување на капацитетите на НАТО земјите членки. Финална одлука сѐ уште не е донесена, меѓутоа Република Северна Македонија ќе одговори согласно своите расположливи капацитети. Она што е особено важно е дека процентот на одбранбениот буџет кој што се одвојува за РСМ на национално ниво е задоволителен и согласно се прават проекциите за плановите за модернизација и опремување на армијата“,
додава министерката за одбрана.
Украина вчера беше една од главните теми на дискусии за 30 земји членки на Алијансата, кои повторно се заложиле оти ќе продолжат да ѝ помагаат на земјата да се справи со руската инвазија.
„Се договоривме, впрочем како и на другите состаноци, дека помошта од страна на сите сојузници ќе продолжи во мера и во обем во кои секоја земја членка може да придонесе, затоа што сме обединети околу тоа дека на Украина и е потребна помош со која таа ќе се брани од неоправданата инвазија од страна на Русија“,
пренесе министерката за одбрана.
Секоја земја членка, додаде Петровска, одлучува на национално ниво каква помош ќе и испрати на Украина, а Северна Македонија останува подготвена да помогне, но засега не пристигнало конкретно барање од Киев.
„Јас сум во постојана комуникација и со амбасадата и со мојот украински колега, и доколку постои можност или било што со што ние може да помогнеме од аспект на воена помош, подготвени сме да го сториме тоа. До сега конкретно барање нема, но доколку се укаже потреба од тоа како и до сега во три наврати, сме подготвени да одговориме позитивно согласно нашите капацитети“,
одговори Петровска.
Вчера и денеска во Брисел се одржува дводневен НАТО-состанок на министрите за одбрана на земјите-членки во Алијансата, на кој се разговара за две клучни теми за Алијансата – одвраќањето и одбраната, како и споделувањето на товарот.
