Комисијата за односи со верските заедници ја нагласи важноста од очекуваното сослужување во седиштето на Вселенската патријаршија во Фанар, закажано за 12 јуни, со кое ќе се официјализира историски значајната одлука за признавање и прифаќање на Охридската архиепископија во литургиско и канонско единство, после неколку вековни искушенија за нашата црква
Воедно, од Комисијата додаваат оти вчерашниот чин на доделување на официјалниот документ на МПЦ-ОА од страна на СПЦ е важен чекор кој ги претставува зрелоста, подготвеноста и достојноста на нашата црква за автокефално достоинство
Како надлежен државен орган за религиските прашања, Комисијата за односи со верските заедници соопшти дека со особено внимание го следи натамошниот развој на процесот на препознавањето на автокефалниот статус на Македонската православна црква – Охридска архиепископија од православната екумена откако вчера Српската православна црква (СПЦ) на Македонската православна црква-Охридска архиепископија (МПЦ-ОА) ѝ го додели официјалниот документ кој е чекор до признавањето на нејзината автокефалност.
„Официјализирањето на соборските одлуки на Српската православна црква – Пеќска патријаршија и издавањето на адекватен акт предаден вчера при сослужувањето на двете сестрински цркви во храмот „Св. Архангел Михаил“ во Белград ја заслужува нашата почит, истиот го поздравуваме и го оценуваме како важен чекор кој ја претставува зрелоста, подготвеноста и достојноста на нашата света црква за автокефално достоинство“,
информира Комисијата за односи со верските заедници.
Како што додаваат од Комисијата, тоа е чекор кој ги покажува надминатите уставни прашања помеѓу двете цркви и чекор кој води кон крајната цел посакувана од генерации наши православни верници и изразена преку едногласното барање на црквата и државата за издавање на официјален томос за автокефалност од надлежната инстанца во православната екумена, Вселенската патријаршија, претставена од првопрестолниот архиереј Неговата Сесветост архиепископот на Константинопол, Новиот Рим и вселенски патријарх Вартоломеј.
Воедно, Комисијата ја нагласува важноста од очекуваното сослужување во седиштето на Вселенската патријаршија во Фанар, закажано за 12 јуни, со кое ќе се официјализира историски значајната одлука за признавање и прифаќање на Охридската архиепископија во литургиско и канонско единство, после неколку вековни искушенија за нашата древна народна црква.
„Изразуваме радост и надеж за тековниот развој на процесот, особено го истакнуваме очекувањето во поскоро време согласно неоспорливите надлежности и права Вселенскиот патријарх да го издаде томосот за автокефалност, со целосна важност и валидност, кој ќе придонесе во заштитата и унапредувањето на соборното православие, мир и единство“,
стои во соопштението на Комисијата за верски заедници.
Вчера, поглаварот на Српската православна црква, патријархот Порфириј во Соборниот храм во Белград му го врачи официјалниот документ на архиепископот охридски и македонски Стефан за признавање на автокефалноста на Охридска архиепископија, со што МПЦ-ОА е блиску до официјална автокефалност.
По овој чин, денеска преку соопштение МПЦ-ОА изрази благодарност до СПЦ поради заокружување на процесот на помирување со издавањето на документот кој, како што наведуваат, е своевидна препорака со која МПЦ се претставува како подготвена и достојна за автокефалност.
Од Кабинетот на поглаварот г.г.Стефан, воедно изразуваат надеж оти во блиска иднина ќе се пристапи кон финализирање на црковното прашање на МПЦ-ОА со издавање на општопризнат томос од страна на вселенскиот патријарх, г.г.Вартоломеј, согласно неговите законски и историски принадлежности.